• петок, 22 ноември 2024

Димитровски ги предводеше политичките консултации за ЕУ прашања на Северна Македонија и Латвија

Димитровски ги предводеше политичките консултации за ЕУ прашања на Северна Македонија и Латвија

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Билатерални политички консултации меѓу Северна Македонија и Латвија, со фокус на прашањата од евроинтегративниот процес беа одржани денеска во Скопје, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Консултациите ги предводел заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, а од страната на Латвија делегацијата предводена од Ингрида Левренце, државен потсекретар за европски прашања и шеф на Директоратот за ЕУ.

На средбата се разговарало за политичките билатерални односи меѓу двете држави, за процесот на интеграција на земјава во Европската Унија, состојбите во регионот на Западен Балкан, а биле разменети мислења и за новите геополитички предизвици и состојбите со Украина.

- Заменик министерот Димитровски ги нагласи одличните односи со Латвија, основани на меѓусебно разбирање, отворено пријателство и соработка. Латвија е активен поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ и очекува забрзана динамика во процесот на пристапувањето. Димитровски се заблагодари на досегашната поддршка на Латвија за јасната европска перспектива за земјите од Западен Балкан и за кредибилна политика на проширување, согласно индивидуалните заслуги и напредок на секоја земја кандидат, се наведува во соопштението.

Од страна на државниот потсекретар на Латвија истакнати биле добрите и пријателски односи меѓу двете земји и потврдена била подготвеноста за зајакнување на политичкиот дијалог и соработка. Левренце, покрај постигнувањата на нашата земја во евроинтегративните процеси, го нагласила и учеството на Северна Македонија во борбената група на НАТО во Латвија и истакнала дека ова присуство дало значаен придонес за безбедноста низ целиот балтички регион. Таа пренела дека Латвија е подготвена и понатаму да го споделува со Северна Македонија своето искуство и експертиза за интеграција во ЕУ, преку спроведување на различни проекти за размена на искуства на патот кон членството.

Како дел од посетата, латвиската делегација имала и средба со претставници од Собранието. дма/бак/

Фото: Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан