• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска Кочоска: Со ребалансот обезбедуваме средства за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства

Димитриеска Кочоска: Со ребалансот обезбедуваме средства за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) – Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја започна расправата за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година. Во експозето министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска посочи дека со ребалансот се предлага најоптимално решение, имајќи ги во предвид состојбите кои се затекнати, ресурсите со кои се располага, малиот простор за маневар и макроекономската состојба.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари, односно на расходна страна има зголемување од 19,2 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент и е ревидиран во однос на првично планираниот 3,4 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти и во втората половина од годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите. Буџетскиот дефицит е планиран на 44,7 милијарди денари или 4,9 проценти и ќе се финансира од домашно и странско задолжување. Капиталните расходи се планирани во висина од 45 милијарди денари. Бруто инвестициите се очекува да  забележат раст од 10 проценти, јавната потрошувачка раст од 3,3 проценти, а извозот раст од 2,5 проценти, додека увозот раст од 5,4 проценти. 

-Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата кои што стоеја неискористени од се она што претставува несуштински расход и успеавме да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме  онаму каде што беа потребни, рече Димитриеска Кочоска.

Нагласи дека економската активност во првиот квартал од 2024 година забележа реален раст од 1,2 проценти што се должи исклучиво на позитивните остварувања во услужниот сектор. Во првите пет месеци од 2024 година, како што кажа, трговскиот дефицит е зголемен за 34,1 процент во споредба со истиот период од 2023 година. Во првиот квартал од 2024 година тековната сметка на платниот биланс има дефицит од 105 милиони евра наспроти суфицитот од 92,2 милиони евра во истиот квартал од 2023 година. Инфлацијата забележува забавување на растот во првата половина од годинава и стабилизирање на ниво од 3,7 проценти, а базичната инфлација изнесува 4,9 проценти.

-Во првите шест месеци од 2024 година вкупните реализирани расходи на Буџетот се на ниво од 168,2 милијарди денари и се за 8,6 проценти повисоки во однос на вкупните расходи реализирани во истиот период од 2023 година. За тековни расходи потрошени се 155,3 милијарди денари или 16,8 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Платите и надоместоците се реализирани во износ од 21 милијарда денари и се повисоки за 22,7 проценти во споредба со првите шест месеци од 2023 година. За стоки и услуги се реализирани 10,3 милијарди денари или за 7,7 отсто повеќе отколку во 2023 година,  трансферите до единиците на локалната самоуправа изнесуваат 14,7 милијарди денари по основ на дотации од ДДВ и блок трансакции што е зголемување за 11 проценти. Исплатени се и 11,2 милијарди денари за каматни плаќања по основ на користени кредити и издадени државни хартии од вредност што е за 67,8 проценти повеќе од реализираните каматни плаќања во 2023 година. Субвенциите и трансферите се реализирани во вкупен износ од 14,4 милијарди денари и се повисоки за 3,8 проценти отколку лани. За социјалните трансфери се исплатени 82,6 милијарди денари и нивната реализација е повисока за 16 проценти, појасни Димитриеска Кочоска.

Потенцира дека капиталните расходи во Буџетот во првите шест месеци од годинава биле реализирани во износ од 12,9 милијарди денари или само 28,62 проценти од планираните и се за 41 процент пониски отколку во првите шест месеци од 2023 година.

-Во првите шест месеци од годинава Буџетот оствари дефицит од 23,9 милијарди денари или 2,44 проценти од проектираниот БДП што претставува  71,38 проценти од планираниот дефицит за 2024 година, посочи Димитриеска Кочоска.

Со ребалансот, како што потенцира, фискалната политика се насочува кон враќање на макроекономската стабилност и поддршката  на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржливо на  ниво на капитални расходи.

-Измените и дополнувањата на Буџетот ги базиравме на реални макроекономски претпоставки  и фискални проекции, обезбедувајќи ги на расходната страна потребните средства за сервисирање на обврските на државата, планирање на средства за кои имала обврска, а не биле предвидени, како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот, порача Димитриеска Кочоска.

На расходната страна, прецизира, извршено е намалување кај несуштинските трошења и кај проектите со позабавена динамика на реализација.

-Едновремено се обезбедија средства за доспеаните  законски обврски, како и за новите политики на Владата за линеарен пораст на пензиите и локални инфраструктурни проекти. Вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, или зголемување за 2,6 проценти, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или повисоко за 5,6 проценти, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година.  Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 на 4,9 проценти од БДП, рече Димитриеска Кочоска.

Појасни дека растот на дефицитот и едновремено отстапувањето од фискалното правило се должи пред се на потребата за обезбедување на неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските. Со него, додаде, се обезбедуваат дополнителни 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензиите, од кои 2,5 милијарди денари се за најавеното линеарно зголемување од 2.500 денари. За транзициски трошоци во вториот пензиски столб обезбедени се дополнителни средства во износ од 400 милиони денари, 0,8 милијарди денари за исплата на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, една милијарда денари дополнителни средства за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарди денари за земјоделски субвенции, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации, дополнителни средства за финансирање на радиодифузна дејност, за финансирање на изборните активности, како и за извршни исплати и за поврат на средства кон Европската комисија согласно наодите на ОЛАФ. Со Ребалансот се обезбедуваат 0,8 милијарда денари дополнителни средства за исплата на камати кон домашни и меѓународните кредитори, 5,1 милијарда денари за активирани гаранции по основ на задолжувања за ЈП и АД во државна сопственост и 6 милијарди денари за проекти за општините.

Развојот во Ребалансот, како што потенцира, ќе се финансира со планирани 45 милијарди денари за капитални расходи, при што е извршено ревидирање на капиталите проекти со позабавена динамика, особено кај капиталните проекти кои се реализираат на посебни сметки.

Општиот претрес во Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа шест дена. На десеттиот ден Комисијата гласа за ребалансот во целост. На предлог ребалансот се поднесени 58 амандмани.вј/ев/

Фото: Принтсркрин

Остани поврзан