• сабота, 21 декември 2024

Димитриевски: Објектот во Сопот е дивоградба, изграден е на државно земјоделско земјиште

Димитриевски: Објектот во Сопот е дивоградба, изграден е на државно земјоделско земјиште

Куманово, 7 ноември 2023 (МИА) - Дивоградба е објектот каде што викендов, високи претставници на политичката партија ДУИ отворија меморијален комплекс во кумановското село Сопот, утврдил вонредниот инспекциски надзор на градежен инспектор од Општина Куманово.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информира дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Вели дека објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.

- Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или пак сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла, посочува Димитриевски.

Најавува дека ќе биде доставена и пријава до полиција.

- Во рок од три дена додека трае постапката паралелно ќе доставиме пријава и до полиција да се открие НН сторителот на ова кривично дело и веднаш по затворање на записникот и истекот на рокот ќе биде процесуирана кривична пријава против сторителот, во овој случај НН лице. Но, дополнително добив информации и од Секторот за урбанизам дека за оваа предметна парцела исто така е поднесено барање во 2018 година за легализација од страна на физичко лице и сите тие документи ќе ги доставиме како предмет на идната истрага, вели Димитриевски.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека објектот бил изграден на приватно земјиште, Димитриевски вели дека службите треба подобро да го информираат.

- Мислам дека треба подобро да го информираат службите со коишто непосредно соработува, но ме изненадува и молкот на други надлежни институции, како што во овој случај е МВР, чиишто обврски согласно законот и согласно Уставот се да го штити уставниот поредок на државата и кога некој поттикнува меѓуверска, меѓуетничка, меѓунационална конфронтација да го санкционира истото. Молкот од надлежните институции е повеќе од срам, бидејќи интегритетот на државата мора да се заштити, вели Димитриевски во писмената изјава. ам/бак/


Фото: Општина Куманово

Остани поврзан