Димитриевски на меѓународниот Астана форум во Казахстан, потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и градот Караганда
- Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во изминатите два дена на покана на Серик Жумангарин, заменик премиер и министер за национална економија на Република Казахстан присуствувал на меѓународниот Астана форум.
Скопје, 1 јуни 2025 (МИА) - Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во изминатите два дена, на покана на Серик Жумангарин, заменик премиер и министер за национална економија на Република Казахстан, присуствувал на меѓународниот Астана форум.

Како што објави на неговиот фејсбук профил Димитриевски, на овој настан бил придружуван од почесниот конзул на Казахстан во Македонија, Ејуп Абдулахи, а нивен домаќин при посетата бил амбасадорот на Казахстан во Македонија, Сатибалди Буршаков.
- На маргините на форумот го посетив еден од главните индустриски центри во државата, градот Караганда и во таа прилика остварив средба со Акимот на градот Караганда г-дин Меирам Кожухов при што потпишавме меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и градот Караганда.
Меморандумот за соработка подразбира развој на односите помеѓу локалните самоуправи, размени на идеи и искуства во социо - економскиот живот, култура, спорт, образование, соработка на младински организации и др, напиша градоначалникот Димитриевски.

На ФБ тој најави дека наскоро во Куманово ќе биде отворен и почесен Конзулат на Република Казахстан кој веќе има именувано свој почесен конзул во нашиот град.
- Следува и иницијатива за организација на заеднички бизнис форум на представници од двете држави кој би се одржал во Куманово, објави на ФБ Димитриевски. цр/хс/
Фото: ФБ на градоначалникот Максим Димитриевски