• петок, 05 декември 2025

Дигитализација во земјоделството, регионален настан одржан во Кавадарци 

Дигитализација во земјоделството, регионален настан одржан во Кавадарци 

Кавадарци, 31 октомври 2025 (МИА) - Дигитализација во земјоделството, беше темата на регионалниот настан што денеска беше одржан со производители на грозје во Кавадарци. Пред присутните лозари од поширокиот регион, беше подвлечено дека дигитализацијата не е иднина, туку сегашност. 

- Настанот е во насока на унапредување на конкурентноста на агро-прехранбениот сектор и забрзување на неговата дигитална трансформација, организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија, во соработка со INNOFEIT EDIH, беше истакнато на настанот. 

Притоа беше подвлечено, дека главна цел  е да се претстават можностите за воведување дигитални алатки и технологии што директно го подобруваат работењето. 

- Разговаравме за проблемите со кои се соочуваат, како може тие проблеми да се надминат преку бесплатни дигитални решенија за кои може заеднички да се аплицира. Решенија против болести, за Зголемување на приноси, намалување на користење работна рака, решенија за поголема конкурентност и излез на странски пазари, појасни Весна Кузмановиќ, претставник од Сојуз на стопански комори. 

На средбата беше кажано дека проектот е финансиран од Европската унија со вклучени и други факултети и компании, а со 50 проценти  учествува и државата. 

Васе Мојсовска, регистриран земјоделец и до неодамна претседател на Федерација на фармери на државно ниво, посочи дека е неопходно да се забрзаат административни постапки што може да им олеснат на лозарите, како носење на урбанистички планови и давање градежни дозволи, соодветна инфраструктура и услови за живот и работа во рурални средини. 

Присутните се согласија дека им се неопходни дигитален маркетинг,  платформа за комуникација, функционален инфо центар, преку кој ќе можат да ги надминуваат бариерите што им стојат на патот. свд/

Фото:МИА

Остани поврзан