• понеделник, 23 декември 2024

„Диво месо“, „Лекција“ и „Натчовек“ на претпоследниот ден на МТФ Војдан Чернодрински

„Диво месо“, „Лекција“ и „Натчовек“ на претпоследниот ден на МТФ Војдан Чернодрински

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Во рамките на 58 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, денеска во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена преставата „Диво месо“ од Горан Стефановски на Албанскиот театар од Скопје, во режија на Мартин Кочовски. Исто така, на денешната програма на фестивалот е и штипската „Лекција“ и „Натчовек“ на Драмски театар од Варна.

Улогите во претставата „Диво месо“ на Албанскиот театар ги толкуваат Бајруш Мјаку, Амернис Нокшиќи, Џевдет Јашари, Дритеро Аме, Ментор Курти, Сабина Мемиши Асланај, Рахим Рамадани, Арбен Расими, Генци Мирзо и Хетем Етеми. Веднаш по изведбата на оваа претстава ќе следуваат разговори на тркалезна маса.

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ вечерва ќе следува претставата „Лекција“ во продукција на Motion Network и Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, која е дел од придружната програма на фестивалот.

Улогите ги толкуваат Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и Милорад Ангелов. 

На полноќ на големата сцена на Центарот за култура ќе гостува Драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија. Претставата е според текст на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев. Олга Панго се погрижи за кореографијата, Филип Коруновски – за сценографијата, а котимограф е Раде Василев. Во рамките на дневната програма на фестивалот, во 11 часот ќе биде промовирана книгата „Антигона“ од Славој Жижек во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат режисерот Борис Василески, преведувачот Марио Стојаноски и актерката Ава Хусеини.

Како што најавија организаторите, веднаш потоа, ќе следуваат тркалезни маси за претставите „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“, што беа изведени синоќа. Во бифето „Аура“, што е пријател на фестивалот, денеска попладне ќе се одржи промоција на книгите „Сон на јаве/ За театарот од овој крај на светот“ од Варја Ѓукиќ и „Нов наратив“ од д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, двете членки на овогодишното жири на фестивалот.

Според организаторите, конструктивни дискусии се случуваат за време на тркалезните маси на фестивалот, каде освен што се разговара за претставите, се зборува и за состојбите во театарот. На разговорите на тркалезнaта маса за „Ало! Ало!“ според британската ТВ-серија на Џереми Лојд и Дејвид Крофт, беа отворени прашањата за адаптацијата на текстот во наши услови.

-Мотото на фестивалот е „Промени се, промени сѐ“, па во тој контекст е прашањето за адаптацијата на текстот и на ликовите во претставата, наспроти познатата британска серија „Ало!Ало!“ Претставата одлично комуницирше со публиката. Внесени се елементи, препознатливи за нас, рече вчера модераторката Сребра Ѓорѓијевска за време на тркалезната маса. За режисерот Синиша Евтимов адаптацијата во наши услови и тоа што е во претставата ние го живееме.

-Колку ситуациите и дејството на сцената да се комични и фантазмагорични, ние сето тоа го живееме. Сакавме да направиме наша, автентична приказна и мислам дека во тоа успеавме. Измените имаат и факти и фикција. Како режисер, мојот повик е на публиката да ѝ овозможам два часа да ужива и да се забавува, рече Евтимов.

Актерот Атанас Атанасовски кој го толкува ликот на Јорго кој води кафеана во центарот на Скопје, но е вовлечен во војната и ситуациите со отпорот, окупаторот и администраторот. -Со режисерот го оформувавме ликот на Јорго да биде поразличен, да не биде дистанциран како во серијата. Идејата за неговото име е од Гркот Зорба, кој, еве режисерот, бил погребан во Скопје и посетувал конретна кафеана, рече Атанасовски.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп, а спонзори се Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница.бт/

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан