• среда, 27 ноември 2024

Де Кро ги најави приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ

Де Кро ги најави приоритетите на белгиското претседателство со ЕУ

Брисел, 30 ноември 2023 (МИА) - Белгискиот премиер Александар Де Кро денеска на прес-конференција во Брисел ги најави приоритетите на претстојното претседателство на Белгија со ЕУ, означувајќи со тоа „неофицијален почеток“ на претседавањето на неговата земја со Европскиот совет, еден месец пред неговиот официјален старт. 

- Нашето претседавање доаѓа во важен момент, кога треба да одговориме на очекувањата на нашите земји. Тоа значи заштита на нашиот народ, нашата економија и нашата иднина, изјави Де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола по нивната средба. 

Според Де Кро, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во ова свое 13-то претседавање со ЕУ, Белгија ќе се насочи кон унапредувањето на соработката во рамките на Унијата, како клуч за справување со големиот број предизвици.  

- Денес во Европската Унија стоиме на крстопат. Единството ќе биде од клучно значење за остварување на нашиот заеднички успех, рече де Кро. 

Тој посочи дека во соочувањето со „понестабилното“ и „непријателско“ геополитичко опкружување, Белгија ќе даде приоритет на одржување на стабилноста на европскиот континент и во тој контекст и на продолжување на поддршка за Украина. 

Според Де Кро, во текот на своето претседавање, Белгија ќе се посвети на заокружување на актуелните мандати на институциите на ЕУ и на обезбедување на непречена транзиција кон следното претседателство и новите институции на Унијата, што треба да се формираат по изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година. Белгискиот премиер нагласи и дека неговата земја ќе се посвети на подготовките на приоритетите на следната Европска комисија и новиот состав на Европскиот парламент. 

Покрај работата во институционалниот дел, белгиското претседателство, според Де Кро, ќе се посвети и на „целиот пакет на азил и миграција“, за што, како што нагласи, клучно ќе биде земјите членки да работат заеднички во справувањето со овој проблем. 

Тој меѓу приоритетите ги наведе и серијата закони поврзани со имплементацијата на Европскиот зелен договор, како оној за климата, како и усвојувањето на регулативи за зајакнување на социјалната сигурност и за заштита на индустријата. 

- Треба да испорачаме. И треба да завршиме значителен дел од законодавната работа и навистина се радуваме на тоа, додаде Де Кро. 

Мецола, од своја страна, нагласи дека е уверена оти претседавањето на Белгија со ЕУ ќе биде успешно. 

- Имате искуство, имате знаење и мотивација, а Белгијците се и добри преговарачи, изјави Мецола. 

Средбата Де Кро-Мецола беше во рамки на серијата состаноци меѓу претставници на Белгија и ЕУ посветени на политичките приоритети на белгиското претседателство со Унијата во првите шест месеци од 2024 година. сп/

Фото: ЕНР/Белга

Остани поврзан