• понеделник, 23 декември 2024

Дејвид Атенборо добива одличје на витез од повисок ранг

Дејвид Атенборо добива одличје на витез од повисок ранг
Лондон, 8 јуни 2022 (МИА) - Британскиот натуралист, биолог, ТВ-лице и писател, сер Дејвид Атенборо денеска официјално ќе биде прогласен за витез на Големиот крст на Редот на Сент Мајкл и Сент Џорџ за неговите заслуги во залагањето на зачувување на природата и придонесот за подигање на свеста, преку документарните филмови. Атенборо е еден од најпознатите и најдолговечните телевизиски водители и автор на емисии за природата и дивиот свет, претежно за британскиот ТВ-сервис Би-Би-Си. Тој е најпознат по серијалот „Живот“, во девет дела од 1979 до 2005 година, како и „Природен свет“, којшто се снима од 1983 до денес. Се очекува дека принцот од Велс, престолонаследникот Чарлс, и самиот посветен борец за животната средина и екологијата, ќе му го додели Орденот на сер Дејвид (96), инаку врсник на кралицата, на свеченост во замокот Виндзор. Кралицата Елизабета Втора го прогласи сер Дејвид за витез уште во 1985 година, но сега ќе добие уште поголемо признание за неговите документарци за природниот свет и кампањата за спас на природата. Меѓу новите витези со повисок ранг се и сер Џереми Флеминг, директор на разузнавачката агенција Џи-си-ејч-кју, како и сер Ендрју Полард, професор и директор на одделот за вакцини при Оксфорд - за неговите достигнувања во јавното здравје, особено при корона-пандемијата. Гери Лајтбоди, пејачот на рок-бендот „Сноу патрол“, ќе биде награден со Орден на Британската империја (ОБЕ) за заслуги во музиката и за добротворната работа во Северна Ирска.  си/ссм/

Остани поврзан