• среда, 18 декември 2024

Децата навечер понекогаш тешко се смируваат

Децата навечер понекогаш тешко се смируваат

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Воспоставувањето рутина е предизвик за родителите - поради енергијата и љубопитноста на малечкото, но е исклучително важно за децата, бидејќи има клучно влијание врз нивниот развој и стабилност. Истражување спроведено во Југоисточна Европа, покажува дека 67 отсто од децата ноќе бараат „засолниште“ кај своите родители, пренесува порталот „Кликс“.

Докажано е дека зацртаните рутини позитивно влијаат врз детскиот развој. Рамномерниот ритам на игра, спиење, учење и хранење им носи на децата чувство на удобност дома и мир. Детето на тој начин се чувствува безбедно во својата предвидлива средина, бидејќи инстинктивно знаат што да очекуваат и што се очекува од нив. Рутината е полезна не само за физичкото здравје, туку и за емоционално-менталната благосостојба. Ги учи децата да ги препознаваат и да управуваат со своите емоции, што им помага да се справат со предизвиците и стресните случаи.

Стручњаците издвојуваат две многу важни рутини во животот на детето: Играта и спиењето.

Воспоставувањето на дневна рутина на време за игра и спиење може да биде предизвик за родителите, бидејќи децата често се борат да преминат од енергична игра во сон.

Кога собата е неуредна и преполна со играчки, едно дете тешко би можело да престане да си игра и да се смири. Освен тоа, прекумерната „стимулација“ како што се цртаните и енергичните игри, вообичаено и премногу „го разбудуваат“ детето пред спиење, што го отежнува смирувањето и влијае на квалитетот на одморот.

Кога воспоставуваат рутина, родителите често се соочуваат со отпорот на детето кон спиењето. Тоа е така, според познавачите, бидејќи децата, поради нивната љубопитност, се плашат дека ќе пропуштат нешто.

Може да има и повеќе причини за овој вид анксиозност, но тие најчесто произлегуваат од недостатокот на чувство на сигурност, удобност и - стравот од темнина. Ноќното будење на децата освен што ги вознемирува децата, е проблем и за сонот на родителите.  си/сд/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан