• петок, 05 декември 2025

Детската поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ се одржа во Лешок по 13-ти пат

Детската поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ се одржа во Лешок по 13-ти пат

Тетово, 10 ноември 2025 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово информира дека викендов се одржа традиционалната 13. по ред Детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ (Пишемо и стварамо на српском језику). Настанот се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ којшто се наоѓа во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во тетовски Лешок.

-Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет особено кај децата и младите.Манифестација собира 30 ученици од основните училишта коишто следат настава на српски јазик, и ученици кои што со српскиот јазик се запознаваат како изборен предмет „Јазик и култура на Србите“. Оваа година учествуваа 27 ученици од основни училишта од: Старо Нагоричане, Кучевиште, Сандево, Јосифово, Вратница како и членови на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје и на домаќините Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.

На главниот дел од програмата учениците ги читаат своите творби пишувани на тема „Песна за мајката“ (Песма о мајци).

-На секоја манифестација на програмата се претставува и еден лик од српската поезија за деца. Оваа година, со пригодна програма, членовите на Здружението зборуваа за Бранко В. Радичевиќ (1925 – 2001) по повод сто години од неговото раѓање. Една од најпознатите негови збирки поезија е збирката „Песна за мајката“ (Песма о мајци) поради што и темата на детските трудови беше избрана да биде токму таа.  Здружението секоја година чини напор на манифестацијата да претстави еден лик од современата српска поезија за деца. Оваа година гостин на програмата беше поетесата од Србија Биљана Станојевиќ, информираше Соња Андонов.

Таа информираше дека на настанот за значењето на читањето и другарувањето со убавиот пишан збор во развојот на секое дете зборувала Драгана Пешиќ Главашевиќ, библиотекар во ОУ „Бранко Миљковиќ“ од Ниш која во 2018 година добитник е на наградата „Мина Караџиќ“ која што се доделува за најдобар училишен библиотекар од страна на Друштвото на библиотекарите во Србија. Покрај своето излагање таа на секој учесник му подарила книга.

Во акцијата за дарување книги на учесниците Здружението се обратило на Матица српска од Нови Сад, која што во соработка со СКИЦ Спона од Скопје, обезбедила книга за секој учесник на манифестацијата. ас/дма/


Фото: Здружение на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан