Детектор: Северна Македонија назадува во спроведувањето на реформите потребни за да го стигнеме европскиот стандард
- Мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија назадува во спроведувањето на реформите за постигнување на европските стандарди истовремено изразувајќи свесност дека стартот на преговорите со Европската Унија нема да ни ги реши домашните проблеми, покажуваат резултатите од анкетата што за емисијата Детектор на ТВ Сител ги спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Скопје, 4 јуни 2023 (МИА) - Мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија назадува во спроведувањето на реформите за постигнување на европските стандарди истовремено изразувајќи свесност дека стартот на преговорите со Европската Унија нема да ни ги реши домашните проблеми, покажуваат резултатите од анкетата што за емисијата Детектор на ТВ Сител ги спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 42,6 отсто од граѓаните сметаат дека во последните неколку години има уназадување во однос на реформите потребни за постигнување на европските стандарди, 15,4% од анкетираните гледаат напредок, а 31,6% се на ставот дека нема никакви промени.
Гледано по етнички групи 53,8% од Македонците сметаат дека има уназадување, додека само 7,7% напредок, а 29,5% од анкетираните Македонци не гледаат никаква промена.
Кај етничките Албанци мнозинството или 38,7% регистрирале напредок во реформите за постигнување на европските стандарди додека 38,3% не гледаат никаков напредок. Само 8,8% од Албанците сметаат дека земјава назадува во спроведувањето на потребните реформи.
Гледано по возрасни групи, уназадување во најголем дел регистрираат граѓаните меѓу 40 и 49 години, а во најмал најмладите на возраст од 18 до 29 години.
За мнозинството граѓани, стартот на преговорите со ЕУ не треба да биде пречка за спроведување на реформите. Од анкетираните, 54% сметаат дека реформите може да се спроведуваат без разлика дали земјава ги почнала преговорите со официјален Брисел додека 19,4% од граѓаните се на ставот дека прво мора да почнеме преговори за да може да се спроведуваат неопходните реформи.
Мнозинството граѓани сметаат дека со стартот на преговорите нема да се решат проблемите кои земјава ги има во однос на здравството, образованието, судството и останатите области.
Ваков став делат 53,7% од анкетираните додека 33,1% се на ставот дека со стартот на преговорите овие проблеми ќе се решат.
И за ова прашање Македонците и етничките Албанци имаат сосема различни ставови. Додека 60,3% од Македонците сметаат дека стартот на преговорите со ЕУ нема да ни ги реши проблемите дури 51,7% од етничките Албанци се убедени во спротивното.
-По возрасни групи нема некоја голема разлика во ставовите, иако како што расте возраста на испитаниците така расте и нивната убеденост дека со стартот на преговорите во ЕУ нема да се решат проблемите кои Македонија ги има во образованието, судството, здравството и.т.н., посочуваат резултатите.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници. ев/вг/
Фото: Детектор