• недела, 22 декември 2024

Дерманин: Во насилните протести во Франција повредени над 1.000 полицајци и пожарникари

Дерманин: Во насилните протести во Франција повредени над 1.000 полицајци и пожарникари
 

Париз, 2 април 2023 (МИА) – Францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманин за локалните медиуми денеска изјави дека во насилните протести низ земјата досега се повредени над 1.000 полицајци.

Франција е зафатена со серија штрајкови и протести откако претседателот Емануел Макрон и владата ги истуркаа плановите за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Дерманин за францускиот весник „Журнал де диманш“ (JDD) изјави дека од избувнувањето на протестите во март досега се повредени 1.093 полицајци и пожарникари.

Покрај тоа, имало 2.579 вооружени инциденти и 316 напади на јавни згради, изјави министерот за весникот.

Тој не даде информации за повредени граѓани, но рече дека 36 полицајци се под истрага поради сомневање за прекумерна употреба на сила.

Дарманин ги отфрли обвинувањата дека полицајците биле агресивни кон граѓаните и дека употребиле непропорционална сила.


-Правото на протест не го вклучува правото на насилство, рече тој и додаде дека „полицијата мораше да интервенира кога инаку мирните протести станаа насилни“.

Дарманин кажа и дека полицијата може легитимно да покаже сила и, како што рече, понекогаш да постапува грубо, но со тоа одговара на крајно насилните напади од професионални криминалци, чија цел е уништување имот и убивање на полицајци.

Протестите, што на почетокот неколку недели беа мирни, од 16 март станаа насилни, денот кога владата ја протурка контроверзната реформа без гласање во парламентот, а  Уставниот совет се уште ја разгледува реформата.

Синдикатите во четвртокот повикаа на 10-от национален ден на штрајкови и протести, иако владата не покажува знаци на повлекување. Меѓутоа, штрајковите и натаму сериозно го нарушуваат јавниот живот. сд/

 

 

 

Остани поврзан