• петок, 28 јуни 2024

Ден Харли ги одби Лејкерси и остана во НЦАА

Ден Харли ги одби Лејкерси и остана во НЦАА

Лос Анџелес, 11 јуни 2024 (МИА) - На масата неверојатна понуда вредна 70 милиони долари за шест години од една од најмоќните НБА франшизи, а вие размислувате и на крајот останувате во Јукон. Лос Анџелес Лејкерс мислеа дека го решиле тренерското прашање, но добија неочекувано „НЕ“ од Ден Харли со објаснување дека сака да освои трета титула со Јукон во НЦАА лигата.

Едвај станува збор за страв од неуспех, бидејќи Харли работи како тренер повеќе од две децении, тој е во Јукон од 2018 година и е еден од најплатените тренери во НЦАА лигата, пред две години потпиша шестгодишен договор за 32,2 милиони долари. За Лејкерси се повтори приказната од пред 20 години кога сакаа да го ангажираат Мајк Кжижевски, но тој по преговори ги одби и остана во Дјук.

Сега главни кандидати за клупата на „езерџиите“ се помошникот тренер на Њу Орлеанс, Џејмс Борего и Џеј Џеј Редик, поранешен играч, но без тренерско искуство.

Харли (51) го избра патот на Кжижевски, Јукон ќе се обиде да врзе „хет-трик“, а Лејкерси се уште бараат тренер. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан