• петок, 22 ноември 2024

Денот на независноста на Украина одбележан во Приштина, пораки на поддршка од Курти и амбасадорите на САД и Германија

Денот на независноста на Украина одбележан во Приштина, пораки на поддршка од Курти и амбасадорите на САД и Германија

Приштина, 26 август 2024 (МИА) – Со свечена академија во косовката престолнина, со учество на претставници на косовските инситуции и на дипломатските претставништва на западните земји во државата, вечерва во Приштина се одбележа Денот на независноста на Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Присутните на свеченоста во Народната и универзитетска библиотека на Косово упатија пораки на поддршка до Украина во нејзината борба против руската окупација, која започна на почетокот на 2022 година.

Косовскиот премиер, Албин Курти на приемот рече дека, со цел да ја поддржи Украина откако Русија ја започна нејзината окупација, неговата влада одобри 13 пакети санкции против Русија и Белорусија.

Тој нагласи дека поддршката на Косово „за украинските пријатели оди отаде политичките калкулации“ и дека поддршката за Украина „ја покажува посветеноста на Косово да дејствува во единство со меѓународните партнери против илегалната и неиспровоцирана агресија на Русија“.

„Русија отсекогаш била неевропска. Нашата солидарност [за Украина] е наша должност како дел од европскиот континент“, изјави Курти.

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека САД непоколебливо стојат во поддршка на независноста на Украина и отпорот на украинскиот народ.

„Денеска го одбележавме Националниот ден на Украина и го славиме отпорот на народот на Украина. Две и пол години по целосната инвазија на Русија, ние остануваме обединети во поддршката на независноста, суверенитетот и демократијата на Украина“, се вели во објавата на американската амбасада, придружена со фотографии од церемонијата во Приштина.

Амбасадорот на Германија во Приштина, Јорн Роде, носејќи како и повеќето учесници на церемонијата шал со боите на украинската држава, во говорот пред присутните ја истакна поддршката на Косово за Украина од почетокот на војната, велејќи дека таа поддршка е силна и дека е горд што „Косово е дел од оваа континуирана поддршка од самиот почеток“.

„Оваа солидарност е особено извонредна бидејќи Украина сè уште не го признала Косово како суверена држава“, рече Роде.иа/ссм/

Остани поврзан