• сабота, 13 јули 2024

Дендиас - Менендез: Грција столб на стабилност во регионот

Дендиас - Менендез: Грција столб на стабилност во регионот
Атина, 27 август 2021 (МИА) – Одличните односи меѓу САД и Грција ги истакнаа шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и претседателот на Комитетот за надворешни односи во американскиот Сенат Робер Менендез на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина. Менендез порача дека „Грција е столб на стабилност и унапредување на демократијата и просперитетот во поширокиот регион“, додавајќи дека ќе продолжи меѓусебната соработка за постигнување на оваа цел. Во однос на грчко –турските односи, американскиот сенатор истакна дека разликите треба да се решаваат врз основа на меѓународното право. - Секогаш се надевавме дека Турција ќе дејствува како мост меѓу Исток и Запад, како секуларна Влада, како добар сојузник, што ќе ја унапредува демократијата. За жал, претседателот Ердоган не одговори на реалноста на која што се надевавме и треба да управуваме со актуелната реалност, истакна Менендез. Шефот на грчката дипломатија потенцираше дека Грција е посветена на почитување на меѓународното и морското право и „апсолутно посветена на воздржување од употреба на сила или од закани за употреба на сила“. Тој истакна дека Турција, прекршувајќи го секое правило на правото, „издаде закана за војна против Грција доколку го искористи неотуѓивото право да ги прошири територијалните води на островите“. -Тоа е единствената земја во светската заедница што издаде закана за војна, casus belli, против друга земја. И секако, ако другата земја ги оствари своите неотуѓиви права, рече шефот на грчката дипломатија. Дендиас истакна дека Менендез е вистински пријател на Грција, кој на „најрешителен начин придонесе за зајакнување на стратешките односи меѓу САД и Грција“. Во изјавите по средбата, шефот на грчката дипломатија откри дека во рамките на стратешкиот дијалог се очекува во октомври да го посети Вашингтон. ср/паг/

Остани поврзан