• вторник, 05 ноември 2024

Дендиас ги отфрла сценаријата дека може да биде кандидат за претседател на Грција

Дендиас ги отфрла сценаријата дека може да биде кандидат за претседател на Грција

Атина, 14 октомври 2024 (МИА) – Ве уверувам дека тоа не е дел од моите намери, вели министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас во интервју за „Катимерини“ демантирајќи ги сценаријата и натписите во медиумите дека може да биде предложен од грчкиот премиер за претседател на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мандатот на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува во март следната година, а шефот на државата во Грција го избира Парламентот по предлог на премиерот и Владата.

Дендиас вели дека се држи настрана од целата дискусија, за која посочува дека „освен сè останато е и во погрешен момент“.

-Земјата има Претседател, како што неколкупати изјави премиерот. Што се однесува до мене, она што можам да ве уверам е дека тоа не е во моите намери, посочи Дендиас и додаде дека неговиот став е дека „претседателот на Грција треба да биде личност со широко политичко и општествено прифаќање“.

Во однос на прашањата во негова надлежност поврзани со одбраната на земјата, Дендиас се осврнува на одлуката за набавка на четврта фрегата, објаснувајќи дека „поради економската криза, флотата беше главно запоставена“.

За грчко-турските односи, министерот за одбрана на Грција истакнува дека потребен е „повеќедимензионален пристап“, а спорот меѓу двете земји е само едно прашање, кое „не е целината на грчката надворешна и одбранбена политика“, а земјата мора да биде присутна во Црното Море, Јадранот, Заливот, Црвеното Море, Северна Африка, Балканот. ср/

Остани поврзан