• петок, 22 ноември 2024

Демократско движење: Два интернет портали водат негативна кампања против претседателката на Врховен Беса Адеми

Демократско движење: Два интернет портали водат негативна кампања против претседателката на Врховен Беса Адеми

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Албанската опозициска партија Демократско движење, обвинува дека два интернет портали водат негативна кампања против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, поради како што велат, нејзиното противење да усвои начелно правно мислење со кое ќе ги оживее аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

На прес-коференција во седиштето на партијата во Скопје, Арбр Кадриу рече дека целта е владејачката ДУИ да го врати екс-премиерот Никола Груевски.

-Од порталите индекс.мк и деск.мк деновиве се води срамна негативна кампања кон претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која пред сѐ е почитувана жена, затоа што таа не сака да усвои начелно мислење, со кое Врховниот суд ќе ги оживее аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Целта е ДУИ да го врати Никола Груевски од Будимпешта по секоја цена, не поради ЕУ, туку поради теснопартиски интереси кои одат контра нашите стратешки меѓународни партнери САД и ЕУ, рече Кадриу.

Како што тврди Кадриу, двата интернет портали се сместени во објектот на Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи Артан Груби.

-Суспендирањето на правната држава е меѓу главните забелешки на најлошиот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија во ЕУ. ДУИ и СДСМ кои се претставуваат како европскиот фронт, всушност се главните кочничари на европската перспектива на нашата земја. Интенет порталите индекс.мк и деск.мк се сопственост на актуелниот директор на Државната лотарија, и десна рака на Артан Груби, жртвеното јагне Перпарим Бајрами, чие име во последно време се поврзува со многу криминални афери, истакна Кадриу на денешната прес-конференција на албанската опозициска партија Демократско движење. ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан