Делегација од Град Скопје во официјална посета на Подгорица
- Делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов е во дводневна посета на Подгорица по повод 13 Јули - Денот на државноста на Црна Гора.
Скопје, 14 јули 2021 (МИА) - Делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов е во дводневна посета на Подгорица по повод 13 Јули - Денот на државноста на Црна Гора.
Градоначалникот Шилегов, како што соопшти Град Скопје, оствари средба со градоначалникот на Подгорица Иван Вуковиќ и со заменик-градоначалникот на Сараево Харис Башиќ. На средбата, како што се наведува, беше заклучено дека земјите од регионот треба да шират пораки на заедништво, а локалните самоуправи да бидат целосно посветени на граѓанските вредности со што ќе дадат придонес за развој и на градовите и на регионите.
Шилегов на средбата истакна дека исклучително ги цени добрите односи меѓу двата града и нагласи дека таа успешна соработка ќе продолжи и во иднина.
По повод одбележувањето на Денот на државноста на Црна Гора, градоначалникот Шилегов вчера положи цвеќиња на споменикот „На партизанот борец“, а присуствуваше и на отворањето на изложбата „Меѓу фашизмот и антифашизмот: во 11 чина“, уметничка поставка на најпознатите сликари од Босна и Херцеговина и подарок на градот Подгорица од Градот Сараево. Изложбата „Меѓу фашизмот и антифашизмот: во 11 чина“ е поставена во познатата Куслевова куќа и ќе биде отворена до 13 август.
Градоначалникот Шилегов присуствуваше и на приемот што на 12 јули го организираше претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во Цетиње по повод Денот на државноста. мд/дма/