• петок, 05 декември 2025

Делегација на собраниската Комисија за европски прашања на 21. КОСАП состанок

Делегација на собраниската Комисија за европски прашања на 21. КОСАП состанок

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Игор Здравковски и членот на Комисијата, Митко Трајчулески денеска учествуваа на 21. состанок на Регионалната конференцијата на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа (КОСАП), која се одржа во Собранието на Република Албанија во Тирана.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на состанокот присуствувале делегации од парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Црна Гора. Во својство на специјални гости учествувале и делегации од Големото национално собрание на Турција, Парламентите на Косово, Украина, Молдавија и на Грузија.

Конференцијата била отворена од страна на претседателката на Парламентот на Република Албанија Елиса Спиропали, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија Силвио Гонзато и претседателката на Комисијата за европски прашања на Албанскиот парламент Јорида Табаку. Во нивните обраќања, како што се наведува во соопштението, било потенцирана важноста на парламентарната дипломатија во процесот на европска интеграција, како и потребата од засилена регионална соработка за забрзување на реформските процеси. Тие се осврнале на размената на искуства и најдобри практики меѓу парламентите од регионот, со цел зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на усогласеноста со европските стандарди.

На Регионалната конференција се одржале два панели. Првиот панел бил посветен на темата „Дваесет години по Сараево, нов пристап на КОСАП – Заедно посилни“, каде што воведничари биле Ањесика Помаска, претседателка на Комисијата за европски прашања на Сејмот на Република Полска, како и амбасадорот на Сојузна Република Германија во Албанија, Карл Бергнер. Во нивните излагања, главно се осврнале на развојот на европската перспектива на Западен Балкан во изминатите две децении и ги охрабриле парламентарците да продолжат со активна улога во забрзувањето на реформите. Во однос на регионалната соработка и процесот на европска интеграција, тие посочиле дека се препознаени како клучни области на развој за Западен Балкан. За да се постигнат овие цели, тие нагласиче дека е неопходно да има продолжување на заедничките напори, со посебен фокус на стабилноста и напредокот на земјите во регионот.

Заменик-претседателот на КЕП, Игор Здравковски потенцираше дека нашата држава, со своето дваесетгодишно активно учество во КОСАП Конференциите, покажува посветеност кон европските вредности и заедничката иднина на Регионот. Нагласич дека европската интеграција останува стратешка цел на земјата, а реформите кои се спроведуваат се суштински за напредокот во пристапниот процес.

На вториот панел на тема „Од политичка дискусија до функционална соработка – соработката во Западен Балкан, управување и политики“, воведничари биле Моника Петрова, виш политички советник од Советот за регионална соработка (СРС) и Алберт Хани, генерален секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО). Панелистите ја нагласиле важноста на градење практични механизми за регионална соработка и потребата од подобрување на институционалната ефикасност во управувањето со јавните политики.

Членот на Комисијата на КЕП, Митко Трајчулески, во своето излагање посочил дека регионот на Западен Балкан се соочува со постојани влијанија од неевропски актери кои имаат свои интереси во овој регион различни од оние на ЕУ.

-Затоа ЕУ не смее да биде пасивна, напротив, сега е моментот кога ЕУ треба да покаже лидерство и да донесе правилна геостратешка одлука, а тоа е сите земји од Западен Балкан да станат нејзини членки до 2030 година. Еден таков решителен чекор, ќе ја направи Европа посилна и обединета, а самата ЕУ ќе стане поголем и повлијателен актер на меѓународната сцена, нагласил Трајчулески.

Македонската делегација за време на Регионалната конференција оствари голем број официјални средби, вклучувајќи дополнителни средби и со Марија Костовски од Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија, Ендрид Фетаху, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, како и со Делегацијата од Грузија.

Следниот состанок на КОСАП ќе се одржи во Босна и Херцеговина во втората половина од 2025 година.

КОСАП (COSAP) претставува кратенка за Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација на Албанија, БиХ, Северна Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, основана на 17-18 јуни 2005 година во Сараево, БиХ.фф/лв/

Фото: Собрание

Остани поврзан