Делегација на млади пратеници од македонското Собрание во посета на Брисел
- Македонските пратеници имаа средби со европратениците Лукас Мандел, Карло Реслер, Томас Вајц, Матијаш Немец, Себастијан Тункинен и Каи Тегетоф, со директорката за Западен Балкан при Генералниот директоратот за проширување и источно партнерство (ДГ ЕНЕСТ), Валентина Суперти и со раководителката на Одделот „Европа 2“ при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Зузана Микалова-Шутјакова.

Брисел, 14 мај 2025 (МИА) - Делегација на пратеници од Клубот за младински прашања и политики при македонското Собрание престојува во посета на Брисел, каде имаше средби со претставници на европските институции.
Македонските пратеници имаа средби со европратениците Лукас Мандел, Карло Реслер, Томас Вајц, Матијаш Немец, Себастијан Тункинен и Каи Тегетоф, со директорката за Западен Балкан при Генералниот директоратот за проширување и источно партнерство (ДГ ЕНЕСТ), Валентина Суперти и со раководителката на Одделот „Европа 2“ при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Зузана Микалова-Шутјакова.
Поздравувајќи ја посетата на младите пратеници како одлична можност за директна размена на мислења и изворно запознавање со случувањата во земјава, европските претставници го потенцирале геополитичкиот момент во Европа и силната поддршка за проширувањето на Унијата.
Во тој контекст, тие посочиле дека е потребно заокружување на преостанатите обврски за отворање на преговорите по поглавја, со цел земјава да им се придружи на останатите држави од регионот кои веќе преговараат и што поскоро да се зачлени во Унијата. Кластерот „Основни вредности“ бил акцентиран како есенцијален дел од преговорите, особено за владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на јавната администрација.
Од наша страна, пратениците информирале за активностите на Клубот и принципот на работа со консензус во донесувањето одлуки, кој демонстрира обединетост на младите пратеници за прашања кои директно ги засегаат младите. Како дел од големиот број активности на ова неформално собраниско тело, се посочени легислативата за младински политики, Стратегијата за ментално здравје и прашањата за студентскиот стандард.
На средбите со европратениците е поздравена соработката меѓу македонското Собрание и Европскиот парламент, со апел за поголема европска поддршка и низ културен дијалог, да се изнајдат решенија за продолжување на евроинтегративниот пат, кој се уште го поддржуваат голем процент на политичари и граѓани, но за кој постои ризик од намалување доколку продолжи периодот на стагнација, како и за зголемување на надворешните влијанија на трети страни во земјата и во регионот.
Пратениците едногласно истакнале дека земјата направила многу отстапки и спровела голем дел од бараните реформи и тоа треба да биде сериозно земено предвид за спречување на појавата на евроскептицизам и нарушување на кредибилитетот на Европската Унија.
Во поглед на Резолуцијата на Европарламентот за напредокот на земјата изразена е надеж дека таа, како и досега, објективно ќе ја отсликува состојбата во државата. Што се однесува до младинските политики, договорено е иницирање заедничка соработка на теми од заемен интерес за младите во земјава и во Европската Унија.
Делегацијата на пратеници од Клубот за младински прашања и политики имаше можност да присуствува и на седница на Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Во состав на делегацијата се претседателката на Клубот, Драгана Бојковска и неговите членови Јован Јаулески, Сергеј Попов, Јане Мицевски, Борче Цветков, Фериде Хаџиу и Рина Ајдари.
Посетата на пратениците на Брисел е во рамки на Програмата за млади парламентарци, организирана од страна на Одделението за парламентарна поддршка и градење на капацитети на Директоратот за демократска поддршка при Генералниот директорат за надворешни политики на Унијата. сп/бак/
Фото: Собрание