• четврток, 19 декември 2024

Декларација од Самитот ЕУ-ЗБ: Потврдена недвосмислената посветеност за членство на Западниот Балкан во Унијата

Декларација од Самитот ЕУ-ЗБ: Потврдена недвосмислената посветеност за членство на Западниот Балкан во Унијата

Брисел, 13 декември 2023 (МИА) - Европската Унија ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан во ЕУ и повикува на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови и  принципот на индивидуални заслуги е во заеднички интерес, се наведува во нацрт завршната Декларација на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел на која учествува и премиерот Димитар Ковачевски во придружба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.   

- Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се заложат за основните европски вредности и принципи. ЕУ, исто така, ја поздравува повторената посветеност на партнерите од Западен Балкан за приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото, се додава во Декларацијата.  

Во документот се додава дека согласност со Декларацијата од Тирана од декември 2022 година, ЕУ ја нагласува потребата од одржливи и неповратни реформски достигнувања за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, економијата и реформите на јавната администрација.  

- Се покомплексната геостратешка средина, во која доминира руската агресија врз Украина и која е силно обележана со кризата на Блискиот Исток, продолжува да ја става на ризик европската и глобалната безбедност. Тоа ја покажува важноста на единството и целта во рамките на европското семејство и на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан што ќе донесе уште поблиски врски и поинтегрирана соработка со ЕУ, заснована на заеднички принципи и вредности, се наведува во текстот.  

Според учесниците на Самитот, застанувањето заедно со ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите повеќе од кога било во светлината на руската агресија врз Украина и другите безбедносни предизвици.

- ЕУ ќе продолжи да инвестира во мултилатерализмот и ќе соработува со партнерите за одбрана и одржување на меѓународниот поредок заснован на правила. Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и меѓусебни одговорности. Додека ја продлабочуваме нашата соработка со партнерите, ги повикуваме да постигнат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и за рестриктивните мерки на ЕУ и да дејствуваат соодветно. Ги пофалуваме оние партнери од Западен Балкан кои веќе ја демонстрираат својата стратешка определба со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ги охрабруваме оние кои сè уште не го сториле тоа да го следат примерот. Го охрабруваме и подобрувањето на спроведувањето на рестриктивните мерки и спречувањето на нивно заобиколување, се додава во Декларацијата. сп/ац/

Остани поврзан