• понеделник, 23 декември 2024

Дедо Мраз пристигна со падобран во Крива Паланка

Дедо Мраз пристигна со падобран во Крива Паланка

Крива Паланка, 30 декември 2023 (МИА) - Најпосакуваниот дедо на светот, Дедо Мраз, пристигна спектакуларно, со падобран, на градскиот плоштад во Крива Паланка, по што со јаже се спушти од повеќекатница во центарот на градот,  а тоа предизвика воодушевување кај дечињата кои со нетрпение го очекуваа.

Пристигнувањето на Дедо Мраз е дел од дневната програма на осумдневниот „Новогодишен базар 2023" што се реализира од 22 месецов.

Претпладнево дечињата се забавуваа со богатата програма: во 11 часот, претставата „Веселиот Дедо Мраз", настапот на „5+ фамилија" и магионичарот Кристијан Шопов, а за повозрасните одлична забава приредија Дац и Александар.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги поздрави присутните на плоштадот, посочувајќи дека денес градот живее во друга димензија, исполнет со многу луѓе, туристи, млади, и многу дечиња, кои заедно уживаат во програмата што општината ја приреди за сите генерации и е пример за таков вид концепт на предновогодишна понуда која веќе трета година се реализира, а почнаа да ја следат голем број градови од државата.

-Со спектакуларното пристигнување на Дедо Мраз ги израдувавме дечињата. Стотици детски насмевки блескаа во еден миг, а тоа е најголемо задоволство за нас што секојдневно работиме за таа искрена детската радост. Одлична атмосфера и денес во целиот град, низ плоштадот се слева река луѓе кои се забавуваат и уживаат во програмата на базарот. Крива Паланка е пример за тоа како се креира културната понуда со која градот прераснува во посакувана и многу посетувана туристичка дестинација и тоа нам како локална власт навистина ни причинува големо задоволство и среќа, зашто нема паланчанец што не е горд на својот град по сето ова што се прави и со украсувањето на градот и со базарот, рече Митовски.

Вечерва во 18 часот програмата на „Новогодишен базар 2023" ќе се заокружи со настапите на Два Бона, огнено шоу и Некст Тајм.

Од општината истакнаа дека базарот е стил на препознатливост на Крива Паланка. ид/

Фото:МИА

 

 

Остани поврзан