Деветто издание на уметничкиот фестивал Статуафест - Соништа
- Од денеска до 4 јуни на улица „Македонија“ ќе се одржува 9. издание на уличниот уметнички фестивал Статуафест - Соништа.
Скопје, 2 јуни 2025 (МИА) - Од денеска до 4 јуни на улица „Македонија“ ќе се одржува 9. издание на уличниот уметнички фестивал Статуафест - Соништа.
-Статуафест е уличен уметнички фестивал каде улицата го покажува своето друго лице - полно со тишина што зборува, движење што мирува, и уметност што сонува со отворени очи, велат од Тимот на Театроск.
Оваа година, како што посочуваат, тематски нурнуваме во светот на соништата - оние скриени визии што нè водат, ни шепкаат инспирација, ни даваат боја на секојдневието.
-Нашите живи статуи ќе ги разбудат вашите чувства, ќе ви понудат мигови на замисленост, и ќе ви покажат дека сонот и јавето се поблиску отколку што мислиме. Статуафест не е само фестивал - тоа е повик за стоп, за восхит и за соништа што оживуваат среде градскиот ритам. Придружете ни се и дозволете уметноста да ве однесе таму каде што зборовите замолкнуваат, а соништата почнуваат да зборуваат, истакнуваат од Тимот на Театроск.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а помагачи се АМСМ, ВВ Тиквеш и Секјурисат обезбедување. дма/сст/
Фото: Илустрација