• вторник, 05 ноември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Секое намалување на квалитетот на кадрите во правосудството ќе ја разнишува неговата доверба

Дебата на НКЕУ-МК: Секое намалување на квалитетот на кадрите во правосудството ќе ја разнишува неговата доверба

Скопје, 4 мај 2022 (МИА) - Воспоставување систем на независно, непристрасно и ефикасно судство е еден од главните предуслови за враќањето на довербата на граѓаните во судството која во моментот е на многу ниско ниво. Треба да се зајакне квалитетот на кадрите во правосудството, бидејќи ако нема квалитет ќе нема доверба и секое намалување на квалитетот ќе ја разнишува и ќе ја намалува довербата во правосудството. Еден од начините за враќање на довербата во правосудството е кога законот ќе се применува неселективно.

Ова беше истакнато на десеттата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија“, во организација на Европското движење, во рамки на Работната група 3 - Правосудство и основни права (Поглавје 23). На сесијата дебатираа македонски и словачки експерти, универзитетски професори, претставници на Врховниот суд, Основниот кривичен суд, Јавното обвинителство, Судскиот совет, адвокати и претставници на граѓанскиот сектор, кои ги отворија прашањата за тоа дали се подобрени капацитетите во правосудството од аспект на кадровскиот потенцијал, како и тоа за регрутирањето на судските и обвинителските кадри и дали се направи квалитативен исчекор во методологијата на оценување на квалитетот на работата на судиите и јавните обвинители во согласност со сложеноста на предметите. правосудството ќе ги реши проблемите на долгото траење на постапките? Министерот за правда Никола Тупанчевски истакна дека Северна Македонија е држава на апсурди. - Од една страна почитуваме европски стандарди, во однос на бројот на јавни обвинители и судии, којшто некаде дури е и надминат ако се земе предвид бројот на жители, на 100.000 жители предвиделе 20,5 судии. Според систематизација кај нас се предвидени 639 судски места, а моментално има 473 судии. Според последниот попис, каде што се регистрирани околу 1,8 милиони жители, во државава треба да има 394 судии, истакна тој. Но, како што истакна Тупанчевски, ако ја видите фактичката состојба во Основниот граѓански суд во Скопје, во однос на организацијата на работата, ќе видите дека од нова година голем дел од судиите заминуваат во пензија и практично ќе биде десеткуван Граѓанскиот суд. - Сето тоа ако се земе процентуално ќе значи и дека ќе се доведе во прашање функционалноста на Основниот граѓански суд. Меѓутоа ако ги земете и другите стандарди кои кореспондираат со овие бројки тоа значи дека податоците говорат дека ние јавен обвинител немаме во Делчево, во Свети Николе и во Крива Паланка. И тоа е помалку апсурдна ситуација. Обвинителства имаме, а обвинители немаме, посочи министерот. Тој потсети дека имаме регрутен центар каде се продуцираат кадри и во моментов имаме 59 нови питомци кои се подготвуваат со завршувањето на практичната настава да бидат дел од правосудниот систем, но прашање е, истакна Тупанчевски, дали оваа цифра би можела да биде оптимална во оптимизирањето во однос на судството и правосудството. Словачката експертка Данка Ковалова, директорка на аналитичкиот центар на Министерството за правда на Словачка ги сподели словачките искуства ви оптимизирање на капацитетите во правосудниот систем. Таа меѓу другото говореше и за концептот „visiting judges“ во Словачка, според кој со цел да се олесни смената на судиите кои ненадејно заминуваат или да се зајакнат привремено преоптоварените судови. Ковалова истакна дека Словачка ја воведе оваа добра практика, која е неопходна и при оптовареност на судиите во различни судови, со која се подобрува ефикасноста и функционирањето на целокупната судска администрација во Словачка. Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ - Скопје, истакна дека Поглавјето 23 е едно од главните и најсложените поглавја со кои секој од нашите правосудни институции се обидува да се вгради и да ги исполни предусловите што ги детерминира едно модерно правосудство според европските стандарди. - Во таа смисла Академијата се обидува да ги покрие тие потреби. Како Академија низ годините во бројните извештаи на ЕК зазема солидно место и оценките за нејзиното работење се позитивни. Потребно е да се направи анализа со каква динамика Академијата во минатото ги даваше кадрите за правосудството. Ако се анализираат последните четири години можеме да утврдиме дека во 2019 година Академијата произведе 37 академици кои веќе активно работат по судовите и обвинителствата, рече таа. Габер-Дамјановска додаде дека Академијата има визија да изгради кадри што ќе бидат соодветни за справување со новите теми и со општествените текови од целиот свет. - Од поважните стратешки определби, Академијата се потруди и во континуираната обука и во почетната обука да вгради нови елементи кои значат подлабоко запознавање со принципите на европското право и како европското право се применува. Ова е важно бидејќи нашите кадри мора да бидат спремни пред нашата држава да стане членка на ЕУ, бидејќи процесот на едукација не оди преку ноќ, истакна таа. Според неа, битно е да се нагласи дека квалитетот на оној импут на знаење што е даден во Академијата мора да биде мерлив. - Во однос на процесот на тестирање - Академијата сметаше дека е мошне важно да ја одржи транспарентноста на информацијата за тоа како се одвивале сите фази на полагањето и во таа смисла на нашата веб страна ги објавувавме сите елементи за да може да бидат отворени за јавноста бидејќи од наш сериозен интерес е да се намалат негативните коментари за процесот на примање, додаде Габер-Дамјановска. Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд - Скопје истакна дека воспоставување систем на независно, непристрасно и ефикасно судство е еден од главните предуслови за враќањето на довербата на граѓаните во судството која во моментот е на многу ниско ниво, односно довербата е осум проценти според последната анкета на „Еуротинк“. Таа истакна дека фактори што влијаат на професионалноста на судиите се степен на стручност и професионалност на судиите, оценување на работата на судиите и нивно унапредување, одговорност на судиите според точно определени критериуми кои еднакво се применуваат за сите, влијание на судските службеници, зголемување на платите на судиите и на судската администрација, реорганизација на работата на судовите во целина... - За да се подигне квалитетот на обуките сметам дека Академијата за судии и јавни обвинители треба да биде потранспарентна во овој поглед и да определи критериуми за назначување на предавачите на определени теми. Во досегашната пракса, се случува од листата на предавачи еден предавач да држи обуки 20 пати во годината, додека други предавачи да не се повикани ниту еднаш, се случува предавачи со помалку искуство и знаење да предаваат на поискусни судии и јавни обвинители (помал суд – суд во Скопје), истакна Ристова. Кога зборуваме за оптимизација на капацитетите во судството, додаде таа, на прво место секогаш ја ставаме професионалноста на судиите, нивната независност и интегритет. - Но, за да можат судиите професионално и ефикасно да ја извршуваат својата работа тие мора да ги имаат потребните услови за тоа, пред се кадровска екипираност и средства за работа. Во судовите е потребна комплетно нова и современа организација на работата, како техничка, така и кадровска. Со сегашната организација на работењето, судијата дневно посветува повеќе од половина од работното време на административна работа, наместо да се фокусира на проучување на предметите, на релевантните закони и квалитетно изготвување на пресудите бидејќи судиската работа подразбира пред се мисловен процес во смисла на изготвување на пресуди и менаџирање на судскиот процес, истакна таа. Ристова смета дека во оваа насока треба да се размисли за делегирање на овие надлежности на судиите на други вработени во судот кои би биле доволно компетентни и стручни за извршување на административните работи. Таа додаде и дека е потребно е да се смени начинот на комуникација помеѓу судовите и другите државни органи и институции, односно да се воведе електронска комуникација, итно да се смени начинот на достава, да биде по електронски пат, а во оваа насока потребни и законски измени, односно еднаш повикано лице да се смета дека е уредно покането до крајот на постапката. Лидија Раичевиќ-Вучкова, јавен обвинител во ОЈО – Скопје оцени дека постојат сериозни проблеми во оптимизација на кадри и во зголемување на квалитетот. - Тие проблеми како можност и начинот за нивното решавање се обидела правната елита да ги решава и да ги детектира. Ако немате квалитет ќе немате доверба, секое намалување на квалитетот ќе ја разнишува и ќе ја намалува довербата во правосудството, каква што е сега ситуацијата. За да имате квалитет мора да го дефинирате, што е тоа квалитет. Се обидел токму тој совет да го дефинира квалитетот во судството и во обвинителството, и кажал дека квалитет во судството е одлучување што ќе го задоволи чувството за правда за оние кои се однесува, истакна Раичевиќ-Вучкова. Таа додаде дека пред се треба да се зборува за квалитет на кадри во правосудството, а не за бројки, бидејќи бројките ќе ги совладаме. Адвокатот Тони Менкиноски смета дека не треба да се гледа на адвокатурата како што се гледаше во социјализмот. Според него, битен момент е интеграција на адвокатурата во правосудството, односно адвокатурата да се вклучи во целиот правосуден систем. Ива Цоневска од Институтот за европска политики истакна дека резултатите од анализата што ја спровеле со теренско истражување, со фокус групи со судии од сите апелациони подрачја во државата, постои различна оптовареност меѓу судиите кои работат во различни судови. - Понатаму неможност за специјализација на судиите во помалите судови и исто така се соочивме и со фактот дека определени судови воопшто не можат да функционираат. нема делегирање на судии од друг суд најчесто со проширена надлежност, а што влијае на квалитетот и ефикасноста на односниот суд од каде се делегира тој судија, рече таа. Националната координаторка и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, во своето воведно обраќање истакна дека во претходните девет сесии во рамките на Работната група 3 за правосудство и основни права на Националната конвенција за ЕУ за Поглавјето 23, беа дебатирани и усвоени повеќе од 100 препораки што опфаќаат витални сегменти од реформите на правосудниот систем. Ѓуровска посочи дека Конвенцијата изгради капаците да се следат и евалуириаат промените во правосудството преку препораките. - За четири години, од кога почна работата на Националната конвенција, не само што научивме како треба да се води структуриран дијалог, туку и успеавме да ја зголемиме видливоста на потребата од подобрување на правосудниот систем во нашата држава и висок степен на експертиза, која преку експертските анализи помага да се имплементираат европските стандарди и конечно да се постигне поголема функционалност, рече Ѓуровска. Шефот на словачката Асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај рече дека преку овие дебати на Националната конвенција за ЕУ се подготвуваат сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. - Досегашните вкупно 43 дебати на Националната конвенција, низ кои продефилираа над 1.000 експерти се доказ дека оваа платформа е успешен инструмент во евроинтегративниот процес, за кој Словачка се залага што побрзо да влезе во фаза на преговори. Македонските и словачките експерти треба да продолжат да работат на заедничката стабилност и перспектива на Европа, без оглед дали станува збор за членки на Унијата или земји кандидатки, истакна Стражај. нд/сп/

Остани поврзан