• петок, 22 ноември 2024

Кој победи на дебатата, обложувалниците даваат блага предност на Харис

Кој победи на дебатата, обложувалниците даваат блага предност на Харис

Вашингтон, 11 септември 2024 (МИА) - Само неколку часа по дебатата што цел свет ја чекаше, обложувалниците блага предност даваат за кандидатката на демократите, Камала Харис, која води со околу 2 до 3 отсто пред Доналд Трамп.

Американците на 5 ноември ќе излезат на гласање за да го изберат својот следен претседател. Откако Џо Бајден се повлече од претседателската трка, утрово во три часот по наше време се одржа првата дебата меѓу новите противници - Камала Харис и Доналд Трамп.

Предвидувањата на веб-страницата Економист покажуваат дека Камала има мала предност за победа на овие избори, така што нејзините шанси се 49,3 отсто, додека поранешниот американски претседател Доналд Трамп има 46,6 отсто од гласовите.

Слична е ситуацијата и на веб-страницата Хил (The Hill), која на Камала и даде предност со 49,4 отсто од шансите за победа, наспроти 46 отсто на Трамп.

Компанијата „Полимаркет“ им дава еднакви шанси на Камала и Трамп, односно и двајцата кандидати имаат 49 отсто шанси за победа.

Интересно е што пред дебатата, најголемата светска компанија за прогнозирање „Полимаркет“ му даде на Трамп 53 отсто шанса да победи на изборите. Неколку часа подоцна, ја намали разликата и сега е изедначен со Камала.

„Се чинеше дека Камала Харис ја контролира вечерашната дебата. Обложувалниците одговорија на тоа“, изјави портпаролот на компанијата „Бет онлајн“ (Bet Online), Џош Бартон.

Иако прашањето за тоа кој победи во дебатата е секогаш неблагодарно, по синоќешната прва и можеби последна пресметка меѓу Камала Харис и Доналд Трамп, заедничката оценка на релевантните западни медиуми е дека Харис успеала да остави поенергичен впечаток. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан