Дебарскиот градоначалник Меља во работна посета на компанијата „Кнауф“ во Ипхофен, Германија
- На покана од раководството на компанијата „Кнауф“, дебарскиот градоначалник, Фисник Меља, оствари значајна работна средба во седиштето на компанија, која е светски лидер во производството на гипс и гипсени производи.
Дебар, 29 јануари 2026 (МИА) - На покана од раководството на компанијата „Кнауф“, дебарскиот градоначалник, Фисник Меља, оствари значајна работна средба во седиштето на компанија, која е светски лидер во производството на гипс и гипсени производи.
- Средбата беше во градот Ипхофен, Германија, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, која има повеќе од 320 фабрики во светот. Ова е првпат градоначалник на општина Дебар да го посети седиштето на „Кнауф“ во Германија, што е јасен показател за стратешкото значење на соработката меѓу двете страни - информираа од Општината.
На средбата присуствувале Тобијас Стрицкет, директор за стратешки инвестиции на глобално ниво, Томас Крамер, технички менаџер на глобално ниво, и Блендар Сеља, менаџер на фабриката „Кнауф“ во Дебар.
- За време на разговорите беа разгледани функционирањето на постојната фабрика во Дебар, досегашните реализирани инвестиции, како и плановите за изградба на нова фабрика со значително поголеми производствени капацитети, со вкупна вредност на инвестицијата од речиси 44 милиони евра - додаваат од Општината.

Остварена била и посета на фабриката на „Кнауф“ во Ипхофен, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, при што биле презентирани производствените процеси и најсовремените технолошки стандарди, со посебен акцент на високото ниво на безбедност и примената на исти стандарди во сите фабрики на компанијата во светот, без користење нестандардни или ризични практики.
- Ова гарантира дека секоја идна инвестиција во Дебар ќе биде целосно усогласена со најдобрите и безбедни индустриски практики на глобално ниво. Дополнително, беа остварени и почетни разговори за можна соработка помеѓу Општина Дебар и компанијата „Кнауф“ во повеќе области од заеднички интерес, со цел поттикнување на локалниот економски развој и создавање нови можности за граѓаните - посочуваат од Општина Дебар.
Компанијата „Кнауф“ во 1997 година со откупување акции стана сопственик на тогашната фабрика за гипс и гипсени префабрикати (гипсара) „Радика“ во Дебар. вт/вј/
Фото: Општина Дебар