• понеделник, 23 декември 2024

Дводневна конференција „Зелена агенда за Западен Балкан“ во Скопје

Дводневна конференција „Зелена агенда за Западен Балкан“ во Скопје

Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Зелената агенда за Западен Балкан, енергетската криза и тековните предизвици кои ги носи руската агресија врз Украина и ефектите од војната, биле во фокусот на конференцијата која денеска и утре се одржува во Скопје во ко-организација на министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Германија, а во соработка со Институтот Аспен од Германија.

Конференцијата „Зелена агенда за Западен Балкан“ ја отвори министерот за надворешни работи Бујар Османи, а се обрати и државната министерка за Европа и клима при Федералното министерство за надворешни работи на Германија, Ана Лирман, како и извршната директорка на Институтот Аспен, Сторми-Аника Милднер.

-Фокусот на дискусијата беше ставен на целите поставени со заклучоците од Самитот на Берлинскиот процес - ко - претседаван од Северна Македонија и Бугарија, во 2020 година - Зелената агенда за Западен Балкан и нејзиниот акционен план во насока на намалување на емисиите на јаглерод диоксид и сериозното загадување на воздухот во регионот, се наведува во соопштението од МНР.

Зелената агенда на Западен Балкан, како што е посочено во соопштението, е вистинскиот одговор на долгорочен план, кога  светот се соочува со енергетска криза и дополнителни предизвици кои ги носи руската агресија врз Украина и ефектите од војната што ги ставија економиите и граѓаните во тешкотии околу наоѓањето извори на енергија.

Министерот Османи подвлече дека денешната конференција може да се апсолвира како навремена вежба како да се дојде до идеи, решенија и резултати, потенцирајќи дека нашиот сегашен начин на живот ги достигнува своите економски, социјални и еколошки граници.

-Ќе ни треба поинаква економија и пазар на труд, поинаков пристап кон природниот свет и нашата животна средина. Различни начини на живеење, работа, патување и водење бизнис и различни начини на функционирање како општество.  Но, соработката нѐ прави сите посилни од несогласувањето и поларизацијата, рече Османи.

Воедно, Османи истакна дека Северна Македонија останува посветена на реализација на Зелената агенда преку правична енергетска транзиција, со посебен фокус на позеленувањето на нашата индустрија, со инвестирање во хидро, ветерна и сончева енергија.

На Конференцијата учествуваа пратеници и заменици министри за надворешни работи од регионот, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, генералниот секретар на Регионална канцеларија за младинска соработка, Алберт Хани, како и и претставници од невладиниот сектор од земјава и регионот. дма/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан