• сабота, 23 ноември 2024

Дваесетто доделување на наградата за млади уметници „Денес“

Дваесетто доделување на наградата за млади уметници „Денес“

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Со изложба на тројцата годинашни добитници на наградата „Денес“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, вечер во 20 часот во Националната галерија – Чифте амам ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен уметник до 35 години.

Претходно, во 13 часот, ќе се одржи јавна презентација на уметниците, информираат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ, кои се организатори на настанот.

Ѓорѓи Десподов (1996) е мултидисциплинарен уметник роден во Прилеп, во моментов во Хаг, Холандија. Тој работи со виртуелни и аугментативни реални концепти и со употреба на различни дигитални медиуми: илустрација, видео, 3Д-анимација и инсталација.

Неговата уметничка практика постои помеѓу физичките и дигиталните средини, каде што наративот постепено се расплетува низ внимателно дизајнирани објекти.

Бурџу Мусли (1997) е уметница која со своето креативно патување ги одразува својот динамичен карактер и разновидните уметнички стремежи. Нејзината посветеност кон светот на уметноста ја наведува да се испита преку низа медиуми и дисциплини, од сликарство во колаж, фотографија и дигитално цртање.

Со претходното искуство во танцот и длабоката заинтересираност за модата, уметничките чувства на Бурџу се фузија на разни влијанија. Преку овие медиуми, Бурџу го пренесува својот енергетски импулс за сфаќање на суштината на нејзината околина, емоциите и искуствата.

Клелија Живковиќ (1989) е трансдисциплинарна уметница која живее во Скопје, формално образована во неколку дизајн дисциплини.

Нејзината работа, како што наведува организаторот ФРУ, претставува теоретски, материјален и искуствен увид во границите, физичките, психолошките, емоционалните или духовните бариери што ги создаваме за да ни помогнат да се сознаеме себеси како битија кои зафаќаат простор и кои ни овозможуваат интерфејс за контакт со нашето опкружување.

- Наградата „Денес“ е платформа од единствен вид во земјава, којашто во текот две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата, посочуваат од ФРУ. ир/хс/

Фото: ФРУ

 

Остани поврзан