• четврток, 26 декември 2024

Даштевски за МИА: Подготовките за локалните избори ќе бидат навремени

Даштевски за МИА: Подготовките за локалните избори ќе бидат навремени
Скопје, 13 август 2021 - Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти и системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Во интервју за МИА претседателот на ДИК, Александар Даштевски ги објаснува деталите поврзани со договорот. Тој нагласува и дека подготовките за локалните избори ќе бидат навремени иако се уште не се донесени измените на Изборниот законик, а треба да следува и едукацијата на членовите на ОИК и избирачките одбори, што ќе опфаќа и гласање со отпечатоци од прсти, како и дека тие ќе се спроведат согласно здравствените протоколи против Ковид-19. - Договорот е склучен и покрај софтверот и терминалите, тука спаѓа и друга опрема што значи дополнителна опрема, резервни делови, тука спаѓа кутијата односно класичното куферче за чување на опремата кое исто е направено по одредени стандарди за да не може да подлежи на кршење, на прашина и вода, литиумски батерии, тука се каблите за поврзување и целокупната опрема. Со него е купен и мрза скенерот и термалниот принтер, изјави Даштевски. Претседателот на ДИК вели дека подготовките за локалните избори ќе бидат навремени, иако се уште не се донесени измените на Изборниот законик, а треба да следува и едукацијата на членовите на ОИК и избирачките одбори, што ќе опфаќа и гласање со отпечатоци од прсти. - Јас сметам дека тоа што ќе се донесе бидејќи има работни групи таму професионални во Министерството за правда, и таму внимаваат што може да се направи, што неможе да се направи, што е приоритетно, што не е, дека ќе внимаваат на сите работи за да може успешно да биде спроведен процесот. Така што мислам ќе ги донесат само најнеопходните работи кои ќе помогнат за полесно спроведување на изборите, а дека другите работи ќе ги остават за подоцна, бидејќи е прекраток временскиот период. Во таа насока ќе се оди за да се помогне и да се олесни спроведувањето на изборниот процес што на нас нема да ни смени многу, вели Даштевски. Претседателот на ДИК вели дека локалните избори ќе се одржат согласно протоколите за Ковид-19, со исклучок на продолженото времетраење на гласањето, што беше уредено со владина уредба. - Околу овие работи (за продолженото време за гласање) тоа беше адхок уредба со законска сила од Владата, така што тие важеа само за тогаш, бидејќи во принцип важи Изборниот законик, а тој не е сменет во таа насока. Така што, тие рокови нема да важат, а се друго што се однесува до другите протоколи, здравствени протоколи, ќе бидат апсолутно испочитувани како на минатите избори, маски, алкохол кој ќе го употребуваат пред да влезат во просторијата, запазување на дистанца од два метри и избирачките одбори ќе водат сметка да не влегуваат многу луѓе, рече Даштевски. Засега тој не може да каже дали би можело да дојде до одложување на изборите, доколку бројките на заболени од Ковид-19 се зголемат. Господине Даштевски, склучен е Договорот со „Дермалог“ за набавка на терминали за вчитување на отпечатоци од прсти и софтвер за нив. Дали може да откриете детали од Договорот? Договорот е склучен и покрај ова што го рековте вие софтверот и терминалите, тука спаѓа и друга опрема што значи дополнителна опрема, резервни делови, тука спаѓа кутијата, односно класичното куферче за чување на опремата кое исто е направено по одредени стандарди за да не може да подлежи на кршење, на прашина и вода, литиумски батерии, тука се каблите за поврзување и целокупната опрема. Со него е купен и мрза скенерот и термалниот принтер. Тоа се работи кои спаѓаат во стоки, се работи за услуги и услугите како што е дефинирано вчера во Договорот ќе траат не само за овој избирачки процес, туку ќе траат во наредните четири години, сервисирање на опремата и спроведување на целиот изборен процес во смисла на ставање на отпечатоци на прст, односно спроведување на изборниот процес со отпечатоци на прст. Она што беше дилема во јавноста дека зошто ваков договор и како ќе се направи, значи е решено со ова, бидејќи сервисната поддршка ќе изнесува 60 месеци, сметано од потпишување на договорот и согласно со планот за поддршка и одржување наведена во техничкиот дел на понудата на носителот на набавката, а носителот на набавката е компанијата со која го склучивме. Тоа ќе значи дека тие услуги  да бидат присутни тука на теренот со 150 и повеќе инжинери ако проценат. По склучување на договорот тие ќе склучат договори со контрактори и супконтрактори што ќе им бидат тука за помош, за логистика. Понатаму треба да дојдат прво да ги проверат тие терминали, значи технички преглед да направат и тоа спаѓа исто во обврската која ја преземале со договорот. Значи тоа има некоја цена. Понатаму тие ќе мора да направат прирачници како се користат тие (терминалите) кои ќе ги има секој претседател и заменик претседател на и одбор. Значи тие прирачници ќе служат за тоа ако заборави тоа што се случува на обуката да го има прирачникот да се потсети, а обуката за тие терминали, бидејќи тоа е техника нели е исто нивна надлежност. Се работи за некаде околу 7.000 луѓе, околу 3,5 илјади гласачки места. Значи тоа ќе значи дека фактички имаме обезбедено од нив сигурност дека процесот добро ќе се одвива. И нели треба да ги наполнат терминалите и да ги испразнат терминалите. Нивниот софтвер треба да го поврзат на нашиот софтвер и од таму да ги наполнат терминалите со бројчиња по избирачки список односно по избирачки места. Така е посигурно.Таа варијанта всукшност е избрана затоа што се уште во Македонија, кај нас, нема биометриски податоци и на личните карти и на пасошите што би било, би можело да се направи и оналјан, тие да си стојат таму во базата, а да биде со интернет поврзано. Можеби тоа е подобро за да не се напаѓа системот хакерски или да се сруши системот. Ова ќе биде офлајн, значи нема да биде поврзано со интернет. Како ќе се гарантира безбедноста на личните податоци?  Ние имаме наши закони и тоа ќе регулираме со Агенцијата за заштита на лични податоци и нас, како што знаете, МВР ни ги предаде податоците во неделата. Тие се криптирани и не може никој да ги отвори и се внесени кај нас во серверот. Не може никој да ги отвори, никој да ги хакира итн. Кога ќе дојде денот за полнење ќе се декриптираат и ќе се полнат во тие терминали. Точно ќе се знае за кое избирачко место, кој терминал ќе биде. Оние што ќе управуваат со нив (терминалите) не можат да ги извадат, да ги отворат бидејќи постои специјален сервер со кој се полнат и само тој сервер е програмиран за тоа. Да довршам за услугите на компанијата. Значи тие (вработени во Дермалог или лица ангажирани од нив) ќе бидат исто така мобилни и на денот на изборите. Значи во секоја општинска единица ќе има по еден или двајца инженери според големината на општината кои ќе бидат постојано на услуга. На пример, некој човек заборавил или не знае да го пушти, или се расипал, така што тоа ќе биде организирано професионално, како да кажам војнички, бидејќи претходно е направена стратегија и практика како да се реагира брзо. Затоа што ако се прекине таму според Изборниот законик нели до три часа, може да се прекине глсањето и после се продлжува три часа. Така што во тој период треба да се замени (терминалот) и да продолжи гласањето.Тоа е една работа. Друга работа е што таа логистика најмногу ќе значи бидејќи претпоставувам дека ќе има некои технички проблеми и тие веднаш да интервенираат да ги отклонат проблемите.Тоа е се што спаѓа во нив. И на крај земање на тие терминали, враќање во базата и празнење на серверот, потоа од серверот како криптирани и се враќаат на МВР. Значи нема дилеми за тоа како ќе се спроведе процесот. Колку вкупно чини целата опрема и услугите што „Дермалог“ треба да ги испорача во следните четири години? Во договорот стои 60 месеци, што значи дека тоа се четири изборни циклуси по ред. Сега за локланите избори, понатаму следните кои се претседателските, парламентарните и на крај локалните за четири години. Тие треба комплетно сервис и оваа постапка што ја кажав да ја спроведуваат. Значи тоа ќе биде за пет години, а не за една година. Четири години е сервисирањето на апаратите, а гаранцијата е 5 години за апаратите. После тоа, по пет години кога ќе истече гаранцијата или ќе потпишеме нов анекс некој или нов договор. Така што фактички повеќе од тоа никој не гарантира. Вкупната сума за пет години доаѓа нели цена и тоа е 678 милиони 979 илјади и 979 денари. Како ќе се изврши плаќањето? Начинот на плаќање е предвиден во договорот и тоа е 30 дена по завршувањето на изборите, односно доставата на финансиската документација најдоцна до 17 ноември 2021 година. Тоа значи дека обично ние имаме втор круг, па ги немаме резултатите. Ако биде неуспешно нема да се изврши. Каква е динамиката на пристигнување на терминалите и другата опрема? Тоа е нешто што ни дава голем оптимизам затоа што веќе на 25, а требаше во рок од еден месец, меѓутоа 25, да кажеме, тоа се две недели ако сметаме од денеска треба да стигне првиот контигент од 250 апарати кои ќе служат за обука на овие избирачки одбори што ќе ги користат односно претседатели и потпретседатели. Така сме предвиделе затоа што мора да има одговорни лица, бидејќи се работи за доверлива опрема. Тие од 25 август па до октомври ќе се обучуваат, а после како што рековме и ставивме во договорот дека може да се испорачуваат сукцесивно. Од тоа што ни го кажаа дека ќе се обидат, не е сигурно, да ни ги испорачуваат првата недела во септември 950, втората недела во септември 950, третата недела на септември 950 и четврата последната пратка кога и ќе се поврзат со серверот. Така што, тоа е веќе 1 октомври, а знаете дека изборите се 17 октомври, значи имаме доволно време да ги наполниме, дистрибуираме. Од друга страна крајниот рок за испорака е 11 октомври што сепак стигаме ние да го завршиме процесот. Така што сега за сега имаме доволно време за оваа постапка и сметам дека се ќе помине во најдобар ред. Како се одвиваат другите подготовки за локалите избори? Па јас сметам дека неможе да има проблеми бидејќи ние сме такво тело и ДИК секогаш била такво тело кое што мора да ги спроведе тие работи што се пропишани во законот и надлежностите. И така и за ова еве успеавме да ги завршиме сите работи. Така што, тоа што ќе се донесе со закон во Парламентот, ние сме должни да го спроведеме. Знаете дека за тоа не смее да има пречки бидејќи според член 25 од Изборниот законик сите државни институции треба да ни бидат на располагање за да ги спроведеме успешно изборите. Така што ако ни требаат повеќе луѓе, повеќе ресурси, ние ќе побараме, институциите се должни да ги дадат и не смее да има пречка во спроведување. Допрва треба да бидат донесени измени на Изборниот законик, вие паралелно ја водите и целата постапка за терминалите... Ќе има ли доволно време за се што треба да се спроведе за добра организација на изборите?  Јас сметам дека тоа што ќе се донесе, бидејќи има работни групи таму професионални во Министерството за правда, и таму внимаваат што може да се направи, што неможе да се направи, што е приоритетно, што не е, дека ќе внимаваат на сите работи за да може успешно да биде спроведен процесот. Така што мислам ќе ги донесат само најнеопходните работи кои ќе помогнат за полесно спроведување на изборите, а дека другите работи ќе ги остават за подоцна, бидејќи е прекраток временскиот период. Во таа насока ќе се оди за да се помогне и да се олесни спроведувањето на изборниот процес што на нас нема да ни смени многу. На веб страната на ДИК граѓаните имаат можност да ги проверат своите податоци во Избирачкиот процес. За овој документ повеќе години има забелешки. Ќе успеете ли да ги надминете овојпат?  Секогаш имаат можност. Ние не го правиме Избирачкиот список, го добиваме од МВР и го ажурираме со оние податоци кои ги добиваме од други институции, на пример од судовите, од МТСП и други органи. Сега ќе имаме едно дополнително ажурирање, секој граѓанин може сам да си провери, тоа е направено одамна и тоа е нешто што е во рамки на нашите надлежности. Сметам дека тоа ќе биде се завршено. Јас претпоставувам дека Избирачкиот список како што е доставен е добар. Имавте ли проблеми при формирањето на општинските изборни комисии и избирачките одбори, бидејќи се комплетно нови состави поради истекување на мандатот на поранешните?  Оваа година со оние промени, ако се сеќавате што беа во Изборниоѕ законик член 108А ние можеме да ги бираме ОИК и ИО пред изборите, а претходно беше три дена по распишување на изборите што беше неверојатно тешка обврска на ДИК, затоа што кога најмногу имаме работа ние треба да избираме, а за несреќа односно за среќа сега, им истече мандатот. Така што моравме да ги избираме. И ние кога се донесе таа обврска веднаш ги избравме сите изборни општински комисии и после пристапивме, организиравме избор на општински избирачки одбори затоа што тоа го прават општинските изборни комисии, ама тоа се изврши во салите на Домот на Армијата затоа што според Ковид мерките треба да има простор и скоро сите се избрани. Мислам дека само од една општина не се јавија. Неможам сега да се сетам која, некаде во Источна Македонија, бидејќи нели одмори беа, нешто не со собрале, не дошле во ОИК. Ќе го средат тоа во овие денови. Кога ќе почне едукацијата на ОИК и избирачките одбори?  Имавме оглас да се пријават едукатори и траеше од 26 јули до 6 август и сега се во тек интервјуа. На листата има 130 обучувачи сега има 70 за 50 луѓе ќе се пополни, ќе се надомести и се прават интервјуа. После следи нивна обука за да знаат како да обучуваат и се прави распоред како ќе се вршат обуките кога и во кој ден, во колку часот, во која општина односно во кој дел на државата. Дали локалните избори ќе се спроведуваат според здравствените протоколи за Ковид-19 што се применуваа на претходните избори? Имавме продолжен изборен ден, еден ден претходно гласаа лицата со Ковид -19 и оние со решенија, лицата кои добиваа решенија после тој рок не можеа да гласаат, решенијата за изолација доцнеа...  Околу овие работи (за продолженото време за гласање) тоа беше адхок уредба со законска сила од Владата, така што тие важеа само за тогаш, бидејќи во принцип важи Изборниот законик, а тој не е сменет во таа насока. Така што, тие рокови нема да важат, а се друго што се однесува до другите протоколи, здравствени протоколи, ќе бидат апсолутно испочитувани како на минатите избори, маски, алкохол кој ќе го употребуваат пред да влезат во просторијата, запазување на дистанца од два метри и избирачките одбори ќе водат сметка да не влегуваат многу луѓе. Дали поради Ковид-19 може локалните избори да бидат одложени?  Мислам дека неможам да ви одговорам на тоа прашање затоа што не знаеме што ќе се случува, дали ќе се зголемува бројката, дали ќе се намалува. Јас сметам дека за тоа се брза да се заврши работата да не се повтори ситуацијата од парламентарните, меѓутоа не знаеме ете дали ќе се намалува или ќе се зголемува бројката. Елизабета Вељановска Најдеска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан