Дан: Шансите за успех ми се поголеми во случај на голема излезност на 18 мај
- Градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, независен кандидат кој влезе во вториот круг од претседателските избори во Романија, денеска изјави дека смета дека неговите шанси за успех се зголемуваат во случај на голема излезност на гласачките места на 18 мај.
Букурешт, 7 мај 2025 (МИА) – Градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, независен кандидат кој влезе во вториот круг од претседателските избори во Романија, денеска изјави дека смета дека неговите шанси за успех се зголемуваат во случај на голема излезност на гласачките места на 18 мај.
- Сите мораме да ги погледнеме социолошките анализи: колку луѓе велат дека ќе дојдат да гласаат, колку се оние што гласале за други кандидати, на кој начин го смениле правецот. Но, во принцип, да. Во принцип, присуството на 11 милиони ми дава многу големи шанси за победа, рече Дан на прес-конференција, пренесува Агерпрес.
Што се однесува до учеството во предизборна дебата со неговиот противник Џорџе Симион, градоначалникот на Букурешт рече дека таквите настани треба да ги организираат телевизии или други кредибилни организации.
- Засега, има неколку, за следната недела. Тоа се сериозни работи во кои реков дека ќе учествувам, истакна Дан, отфрлајќи ја идејата дека ќе „бега“ од дебата.
- Мислам дека Романците судат со своја глава и гледаат што е сериозно, а што недостасува во оваа кампања. Ќе имаме неколку дебати на кои се надевам дека ќе дојдат, кои сериозно ќе ги организираат телевизиите, рече тој.
Опозицискиот ултрадесничар Џорџе Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се тркаат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија.
Симион освои 40,94 отсто од гласовите, а Никушор Дан 20,99 отсто од гласовите на гласачите, додека кандидатот на владејачката коалиција Крин Антонеску доби 20,07 отсто од гласовите.
Во Романија се одржаа повторени избори откако првиот круг од претседателските избори во ноември, во кој победи Калин Георгеску, беше поништен поради наводно руско мешање во негова корист. Москва ги отфрли тие обвинувања. јт/
Фото: Дан на Фејсбук