• понеделник, 23 декември 2024

Данска ја прекина истрагата за експлозиите на „Северен тек“.

Данска ја прекина истрагата за експлозиите на „Северен тек“.

Копенхаген, 26 февруари 2024 (МИА) - Данска денеска објави дека ја прекинала истрагата за експлозиите во септември 2022 година на гасоводот „Северен тек“, со кој се транспортира гас од Русија во Германија, бидејќи Шведска претходно ја прекина истрагата.

Северен тек 1 и 2, кои пренесуваа гас под Балтичкото море, беа оштетени во серија експлозии во шведската и данската економска зона, по што на површината стигна големо количество метан. Според британските медиуми, Русија и Западот, кои се во расправија поради рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, се посочуваа со прст едни кон други. Сите негираа каква било вмешаност, а никој не ја презеде одговорноста.

„Нема доволно основи да се продолжи со кривична истрага во Данска, затоа, полицијата во Копенхаген одлучи да ја прекине кривичната истрага за експлозиите“, се наведува во соопштението на данската полиција.

Шведска ја прекина истрагата за експлозиите претходно овој месец, соопштувајќи дека нема јурисдикција за случајот, но доказите им ги предала на германските инспектори, кои допрва треба да ги објават своите наоди. Гасоводот беше кренат во воздух на 26 септември 2022 година источно од островот Борнхолм во Балтичкото Море, од кога веќе нема повеќе проток на гас кон Германија.

Гасоводот го изгради „Газпром“, иако „Северен тек 2“ никогаш не беше искористен бидејќи Германија го стопираше проектот неколку дена по рускиот напад врз Украина. Москва ја осуди саботажата како случај на меѓународен тероризам, наведувајќи ги САД и Велика Британија како главни виновници, но според една верзија акцијата ја извршиле членови на украинска група.сд/

Остани поврзан