• понеделник, 23 декември 2024

Даниел Редклиф и Сара Полсон ги освоија првите „Тони“ награди

Даниел Редклиф и Сара Полсон ги освоија првите „Тони“ награди

Њујорк, 17 јyни 2024 (МИА) - Даниел Редклиф, Џереми Стронг и Сара Полсон ги освоија своите први „Тони“ награди во областа на театарот, а Деде Ајте стана првата Африканка којашто ја добила наградата за костимографија на една претстава.

Редклиф, кој се прослави како Хари Потер, го освои своето прво „Тони“ признание за најдобра споредна машка улога во мјузикл, за улогата во „Среќно се тркаламе“ (Merrily We Roll Along). Британецот му се заблагодари на покојниот Стивен Сондхајм „за пишувањето на оваа неверојатна серија“, чии песни ги опиша како „подарок за пеење секоја вечер“.

Мјузиклот ја доби американската театарска награда за најдобро враќање на сцената, а Џонатан Гроф беше награден како најдобар водечки глумец во мјузикл. „Недораснатите“ (Outsiders) е најдобар мјузикл. Малеа Џои Мун и Кесија Луис-Еванс го добија „Тони“ признанието за најдобра женска улога и за најдобра споредна женска улога во мјузикл - и двете за „Пеколна кујна“.

„Стереофоник“ (Stereophonic) ги доби наградите за најдобра претстава и најдобар режисер - Даниел Окин.

Џереми Стронг, ѕвездата на ТВ-серијата „Следоред“, ја освои наградата за најдобар глумец во претстава, за неговата улога во „Непријател на народот“ на Хенрик Ибзен, а Сара Полсон - за нејзината изведба во семејната драма „Соодветно“ (Appropriate). Вил Брил и Кара Јанг ги зедоа одличјата за споредни улоги.

Деде Ајте стана првата жена - црнка што освоила „Тони“ за најдобра костимографија на претстава, за „Африканското плетење коса на Јаја“ (Jaja's African Hair Braiding). Свеченоста на доделувањето на оваа престижна награда, 77-ма по ред, се одржа вчера во „Линколн центарот“ во Њујорк.  си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан