• понеделник, 23 декември 2024

Дали НАТО ја „издаде“ Русија ширејќи се на Исток?

Дали НАТО ја „издаде“ Русија ширејќи се на Исток?

3 февруари 2022

Хина, Загреб

Кремљ тврди дека Западот го прекршил ветувањето од 1990-тите дека НАТО нема да се шири и со тоа ги оправдува заканите за инвазија на Украина. Русија го повика НАТО да не се шири во Источна Европа и да вети дека нема да ја вклучи Украина во Алијансата. Сепак, НАТО не се откажува од политиката на „отворени врати“, што значи дека секоја земја што ги исполнува критериумите може да стане нова членка.
САД и НАТО ги отфрлија руските безбедносни барања во писмен одговор испратен до Кремљ минатата недела од страна на американскиот амбасадор во Русија. Додека актуелниот конфликт меѓу Русија и Западот произлегува од различни обвинувања од двете страни, аргументот за предавство од Западот е нагласен во московската реторика со децении.
Во говорот на Минхенската безбедносна конференција во 2007 година, Владимир Путин ги обвини западните сили дека го прекршиле ветувањето од раните 1990-ти со проширување на НАТО во балтичките земји три години претходно.
„Што се случи со гаранциите на нашите западни партнери по распаѓањето на Варшавскиот пакт?“, праша тогаш рускиот претседател.
По падот на Советскиот Сојуз, НАТО не престана да прима нови членки. Во 1990 година броеше 17 членки, а денес има 30, од ​​кои неколку некогаш беа дел од Варшавскиот пакт предводен од СССР.
Потеклото на тезата за предавство
За да се разбере зошто Москва зборува за предавство, вреди да се потсетиме на договорот меѓу американскиот државен секретар Џејмс А. Бејкер и поранешниот советски лидер Михаил Горбачов за време на нивната средба на 9 февруари 1990 година.
Разговарајќи за статусот на обединета Германија, двајцата се согласија НАТО да не се шири на територијата на Источна Германија, а истото ветување го повтори и генералниот секретар на НАТО на 17 мај истата година во Брисел.
Русија и западните земји успеаја да склучат договор во септември 1990 година што му овозможи на НАТО да ги постави своите трупи зад Железната завеса.
Меѓутоа, овој договор се однесуваше само на обединета Германија. Понатамошните проширувања на исток од континентот тогаш изгледаа незамисливо.
„СССР сè уште постоеше, а источноевропските земји сè уште беа вклучени во советските структури како што е Варшавскиот пакт, кој официјално беше распуштен во јули 1991 година“, рече Амели Зима, доктор по политички науки во Центарот за меѓународни студии.
„Не можеме да зборуваме за предавство бидејќи допрва треба да се случат низа настани што ќе ги променат односите на моќта во Европа“, додаде таа.
Накратко, кога западните сојузници ги понудија „гаранциите“ за кои зборува Путин, никој не можеше да го предвиди распадот на СССР и историските промени што ќе следат.
„Покрај тоа, тоа е усно ветување што не е напишано во договорот“, се сеќава Оливер Кемпф, научен соработник во Фондацијата за стратешки истражувања.
„Пресвртната точка во политиката на проширување на НАТО дојде многу подоцна, во 1995 година, на барање на источноевропските земји.
Истата година, НАТО објави студија за проширувањето, пред да започне преговори за членство со Унгарија, Полска и Чешка, кои се одржаа две години подоцна.
Овие земји се приклучија во Северноатлантскиот сојуз во 1999 година. Вклучувањето на три нови членки предизвика несогласувања во НАТО пактот, што е спротивно на рускиот мит за предавство на Западот.
„Дури и во американската администрација имаше мислења дека НАТО не треба да се шири бидејќи може да стане преголем финансиски товар, а во исто време да ја изгуби ефикасноста“, рече Зима.
Стратешко значење на Украина
Прашањето за проширувањето на НАТО со години ги зголемува тензиите меѓу САД и нивните сојузници од една страна и Русија од друга страна.
Откако Грузија ги изрази своите амбиции за НАТО и Европската унија во август 2008 година, Москва веднаш ги поддржа проруските сепаратисти во самопрогласените автономни републики Јужна Осетија и Абхазија.
Русите со голема претпазливост го следеа поставувањето на ракетниот штит во Романија пред шест години. НАТО има слична база во Полска. Двете земји сега се членки на Северноатлантската алијанса.
Владите на западните земји порачуваат дека Русија нема причина за грижа и постојано го нагласуваат одбранбениот карактер на НАТО алијансата.
„На Русите им е тешко да го прифатат проширувањето на НАТО, но забораваат дека во 1997 година потпишаа документ со кој се обврзаа двете страни да го одржат мирот и безбедноста во евроатлантската област и да обезбедат територијален интегритет за сите членки на Евроатлантскиот партнерски совет“, рече Зима.
Четврт век подоцна, потенцијалниот влез на Украина во НАТО е „црвена линија“ за Русија која не смее да се помине, а доказ за тоа е реториката на Москва во контекст на украинската криза.
Поранешната „житница на Советскиот Сојуз“ во моментов има статус на „земја партнер“ со НАТО. Но, на Киев му претстои долг пат пред да ги исполни критериумите за полноправно членство.
„Едно од главните правила на НАТО е дека земјите-членки мора да имаат решение за сите гранични прашања за сојузниците да не мора да се справуваат со нова криза. Додека не се реши спорот со Русија за Крим, малку е веројатно дека Украина ќе влезе во НАТО“, рече Кемпф. паг/
   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан