• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Грчките медиуми континуирано информираат за трагедијата во Кочани

Грчките медиуми континуирано информираат за трагедијата во Кочани

Атина, 19 март 2025 (МИА) – Вчерашниот масовен протест во Скопје, трагедијата што ја живее Кочани, но и помошта од Грција, се во фокусот на грчките медиуми, кои со ненамален интензитет од првиот момент известуваат за пожарот што одзеде 59 животи, а паралелно, неретки се и позитивните коментарите за брзата реакција на властите, со оглед на тоа што пред две години Грција доживеа слична трагедија со 57 загинати, пред сè млади лица при судир на два воза кај Темпи, јави дописничката на МИА од Атина.

„Корупцијата убива: Илјадници демонстранти бараат правда во Скопје“; „Жалост во Северна Македонија – Кочани во тага непосредно пред погребите на 59-те загинати“; „Северна Македонија: „Кој ќе биде следен?“ слоганот на тивкиот протестен собир“; „Северна Македонија: Жалост и гнев за 59-те жртви во трагедијата, утре ќе бидат погребани – протести со илјадници луѓе низ земјата“; се само дел насловите во денешните изданија на онлајн медиумите.

Речиси сите грчки телевизии уште од неделата испратија новинари во Кочани, кои секојдневно известуваат за трагедијата што го погоди градот, ги пренесуваат сведоштвата на преживеаните, но и тагата на семејствата на загинатите.

Дополнително, коментираат дека утре ќе биде тежок ден за градот, поради погребите на загинатите.

Во текстовите и прилозите за трагедијата, ја споменуваат и помошта од Грција, транспортот на повредените во Солун и Атина, но и вчерашната посета на министрите Муцунски и Таравари на двете солунски болници и пораките на благодарност што до Грција ги упати шефот на дипломатијата.

Νа 28 февруари 2023 година кај месноста Темпи во Грција се случи директен судир на патнички и товарен воз и животот го загубија 57 лица, од кои мнозинството беа студенти, а несреќата две години подоцна сè уште е актуелна тема во земјата со оглед на тоа што судскиот процес не е започнат, додека граѓаните преку масовни протести побараа правда.

Во Грција, во изминатите денови одредени медиуми прават споредба на двете несреќи, на сличностите во однос на младите животи кои згаснаа, но и барањата за правда.

Во вчерашното централно издание на вестите на телевизијата Алфа, новинарката Лора Јоану анализирајќи за тоа што е направено кај нас од аспект на истрагата веднаш по несреќата, коментираше дека „Северна Македонија ја живее својата Темпи“, но и дека соседната земја ѝ одржа лекција на Грција.

-За помалку од четири дена: пет обвинители се вклучени во процесот за да го истражат случајот, уапсени се 20 лица, меѓу кои државни функционери, вработени во Министерство, но и поранешниот министер за економија кој се сослушува бидејќи беше фалсификувана лиценцата за работа издадена од Министерството. Говориме за реакција и рефлекси на земја која е кандидат за членство во Европската Унија, мала држава, земја во која има корупција, но гледаме како се справија. Да го кажам поинаку: Соседната земја ни одржа лекција. Неизбежно постојат некои споредби кои не можеме да не ги споменеме, анализираше новинарката од Алфа.

Како што вчера објави МИА, Министерството за цивилна заштита на Грција, соопшти дека освен редовните, во вториот квартал од 2025 година ќе се спроведат и вонредни инспекции за почитување на мерките и средствата за противпожарна заштита во простори каде што има собири на луѓе, пред сè во ноќни клубови.

Иако официјално не се поврза со трагедијата кај нас, сепак коментарите во земјата се дека, поводот за овие вонредни контроли е токму пожарот во Кочани.

Она што во неделата се случи во „Пулс“, малку недостигаше да се случи во кафуле во Атина на крајот на ноември, откако беше предизвикан од свеќи и пиротехника на роденденска торта, кои ги запалија новогодишните украси во внатрешноста на кафулето, како и елката поставена на таванот.

Шест лица беа полесно повредени во пожарот што синоќа избувна во кафуле во центарот на Атина, а беше предизвикан од свеќи на роденденска торта, кои ги запалија новогодишните украси, јави допи

Пожарот што веднаш беше изгасен предизвикана паника меѓу лицата кои биле во кафулето, а во обид да го напуштат просторот биле скршени неколку прозорци, додека шест лица се здобија со полесни повреди и беа пренесени во болница. ср/са/

Фото: принтскрин

Остани поврзан