• вторник, 17 декември 2024

Грчкиот министер за одбрана претстави план за реорганизација на армијата до 2035 година

Грчкиот министер за одбрана претстави план за реорганизација на армијата до 2035 година

Атина, 14 ноември 2024 (МИА) - Грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас денеска во парламентот претстави план за реорганизација на структурата на вооружените сили на Грција во периодот 2024-2035 година, известува „Катимерини“.

Дeндиас рече дека целта е армијата да се реорганизира со флексибилни воени единици со висок процент на пополнетост на персоналот. Тој изјави дека моментално Грција има 800 единици – повеќе отколку што имаат САД, при што најави дека дел од нив ќе бидат затворени. Во рамките на реорганизацијата се очекува да бидат затворени 137 единици, соопшти министерот.

Во однос на воздухопловните сили, Дeндиас рече дека постои проект за унификација на типовите борбени авиони во употреба, со цел земјата да достигне максимум од 200 борбени авиони од генерациите 4,5 и 5, составени од F-16 Viper, „Рафал“ и F-35.

Дeндиас се осврна и на развојот на заштитата од дронови, посебно спомнувајќи го грчкиот систем „Кентавiр“, кој го нарече успешен, и изјави дека тој ќе биде еден од четирите антидрон системи на грчките вооружени сили.

Министерот за одбрана вети и големо засилување на можностите на военоморските сили, кои не само што ќе можат да го бранат Егејското Море, туку ќе добијат и способности за стратешки удари.

Дeндиас ја истакна потребата од засилување на способностите во областа на кибервојувањето – како одбранбени, така и офанзивни. За оваа цел е планиран и грчки сателит.

По воведните зборови на Дeндиас, состанокот на комисијата продолжи зад затворени врати.

Сепак, „Катимерини“ вчера објави веројатни детали од владината програма за реорганизација на вооружените сили. Промените ќе ги опфатат сите три рода на армијата. Според изданието, кај копнените сили се планира распуштање на најмалку шест пешадиски полка.

Во некои од единиците што ќе бидат затворени, персоналот не достигнува ни 20 проценти од планираниот, а на многу единици се гледа само како средство за поддршка на локалната економија. „Катимерини“ пишува дека една од граничните единици во моментот не содржи ништо освен… пекарница за леб.

Целта е пополнетоста на единиците да не биде под 70 проценти од предвидениот персонал.

Во однос на воздухопловните сили, се планираат само три типа борбени авиони – F-16, „Рафал“ и идните F-35. Авионот „Мираж 2000-5“ ќе биде продаден, борбените F-16 Block 50 ќе бидат модернизирани на варијантата Viper, и ќе бидат купени уште 6 „Рафал“. До крајот на годината ќе бидат повлечени сите борбени авиони F-4 Phantom, тврди изданието.

Во новата структура ќе биде одредено дека постојаната достапност на транспортни воени авиони C-130 и C-27 не треба да биде помала од 10-12 авиони.

За военоморските сили е предвидено да располагаат со 4 фрегати FDI ("Белара"), при што при ставањето во употреба на секоја од нив ќе се повлекува по една фрегата од типот S. Наскоро ќе се донесе одлука како ќе се постапува со корветите во употреба, а понатаму и со фрегатите „Констелајшн“ (Constellation).

По првпат, новата структура вклучува целосен спектар на противвоздушна одбрана на три нивоа, која ќе го покрива целото воздушно пространство на Грција – како копнениот дел на земјата, така и сите острови во Егејското Море. Ќе има систем за борба со дронови и противвоздушни комплекси со краток, среден и долг дострел. Очигледната цел на овие планови, според „Катимерини“, е намалување на улогата што моментално ја имаат авионите на воздухопловните сили во противвоздушната одбрана.

Плановите предвидуваат постепена замена на противвоздушните системи „Тор“-M1 и „Оса“/AK (советско и руско производство), како и „Хок“ (американски), и зајакнување на системите „Патриот“, кои ќе останат во употреба уште многу години.

Изгледа дека плановите значително вклучуваат ПВО системи кои се развиени и произведени од израелски компании. Ова се должи на добрите односи меѓу Грција и Израел, како и на ефективноста на овие системи, која беше демонстрирана неодамна во конфликтите на Блискиот Исток. Грција придава големо значење на можностите за заедничко производство. ссм/

фото: архива

Остани поврзан