Грузиската полиција со солзавец ги растерува демонстрантите пред Парламентот кои се незадоволни од предлог-законот за медиуми
- Грузиската полиција денеска употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои се собраа пред зградата на Парламентот во главниот град Тбилиси, незадоволни од предлог-законот за кој сметаат дека ја задушува слободата на печатот.
Тбилиси, 7 март 2023 (МИА) - Грузиската полиција денеска употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои се собраа пред зградата на Парламентот во главниот град Тбилиси, незадоволни од предлог-законот за кој сметаат дека ја задушува слободата на печатот.
Според Законот, ќе се бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да се регистрираат како „агенти на странско влијание“.
Меѓународните организации изразија загриженост за предлог-законот, велејќи дека тој е против демократскиот развој на Грузија.
Стотици демонстранти со денови се собираат во знак на протест против предложениот закон, а во еден момент дојде до тепачка меѓу пратениците.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили изјави дека ќе стави вето на законот, но неговите автори велат дека е потребен за да се постигне транспарентност во работата на субјектите финансирани од претставници на странски држави. Парламентот може да го отфрли претседателското вето.
Во Русија, законот за странски агенти често се користи за затворање на организации и новински куќи кои ја критикуваат Владата.
Грузиските граѓански активисти и претставници на опозицијата ги блокираа двата влеза во зградата на Парламентот, извикувајќи: „Не на рускиот закон!“, „Руси!“ и „Робови!“
САД и Европската унија ја предупредија Грузија дека со усвојувањето на овој закон ќе се наштети на нејзините шанси некогаш да се приклучи на ЕУ и НАТО. рп/