• понеделник, 18 ноември 2024

Грковска: Естонското искуство во делот на дигиталната трансформација е од големо значење

Грковска: Естонското искуство во делот на дигиталната трансформација е од големо значење
Скопје, 14 јуни 2022 (МИА) - Продлабочувањето на меѓусебната соработка, особено во делот на естонското искуство во процесот на дигитална трансформација на општеството беше тема на разговор на денешната средба во Талин меѓу вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и амбасадорката за дигитализација во естонското Министерство за надворешни прашања, Неле Леоск. На состанокот, информираат од владината Прес-служба, се разговараше за иницијативата што ја покрена вицепремиерката Грковска, која беше прифатена на владина седница одржана во мај, а  се однесува на потпишување на Меморандум за соработка меѓу Република Северна Македонија и Естонија, кој ќе овозможи интензивна соработка и комуникација на двете земји, во делот на дигиталната трансформација на општеството за што Естонија се лидери во светот. Вицепремиерката Грковска се заблагодари за досегашната меѓусебна соработка, која, како што рече, е од голема помош за земјава. Таа потенцираше дека од клучно значење е во процесот на дигиталната трансформација да имаме систематски и организиран процес, кој ќе овозможи координиран пристап на сите институции и рационално користење на сите ресурси што ги имаме. Амбасадорката Леоск нагласи дека Естонија е отворена да ги сподели сопствените искуства во делот на дигитализацијата, со оглед на тоа што, како што рече, потребите на земјите во овој дел се слични. Двете соговорнички договорија на почетокот на наредниот месец да одржат заеднички онлајн состанок на кој подетално ќе се разговара за евентуална соработка со GovStack, заедничка иницијатива раководена од естонското Министерство за економска соработка и развој, GIZ, Сојузот за меѓународни комуникации и Алијансата за дигитално влијание, која меѓудругото има задача да им помогне на владите во другите земји да обезбедат брза и ефикасна дигитална трансформација на општеството. Во рамките на работната посета на Естонија вицепремиерката Грковска го посети и НАТО центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, кој им дава интердисциплинарна поддршка на земјите членки на НАТО, но и на други држави кои не се дел од НАТО сојузот, но можат да бидат дел од овој Центар. Во фокусот на овој центар не е воената поддршка, туку поддршка во делот на сајбер одбраната, тренинзи и вежби во областа на технологијата, стратегијата и законодавството. Овој центар обезбедува поддршка и за реалниот сектор кој има значајна улога во градењето на дигитално безбедно општество. Вицепремиерката Грковска утре ќе учествува на Форумот за дигитална безбедност на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за сајбер безбедноста во регионот како и за најдобрите европски практики во областа. На Форумот ќе учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, македонскиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија. вј/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан