• петок, 22 ноември 2024

Грковска: Доброто владеење во институциите вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување стандарди

Грковска: Доброто владеење во институциите вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување стандарди
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - Доброто владеење во секоја институција вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на денешната работна средба со претставничка на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Анета Арнаудовска и со директор на Институтот за акредитација, Слободен Чокревски.
Како што соопшти Кабинетот на Грковска, на средбата на која присуствуваше и професорот Гоце Наумовски од Правниот факултет при УКИМ, стана збор за тековните активности на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), вклучувајќи го и Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансии, како и за Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба, што беше подготвен во рамките на  Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ).
На состанокот беше разговарано и за можноста од имплементација на меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001, кој е дизајниран со соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата.Соговорниците, како што стои во соопштението, се согласија дека воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и менаџмент, како и за антикорупција значи рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси.Истовремено, ИСО стандардот против корупција е така дизајниран за да и помогне на институцијата навреме да спречи, открие и реагира на поткуп. дма/сп/

Остани поврзан