• вторник, 05 ноември 2024

Грковска - Гир: Политиките за добро владеење се клучни за пристапувањето во ЕУ и за развој на општеството

Грковска - Гир: Политиките за добро владеење се клучни за пристапувањето во ЕУ и за развој на општеството

Скопје, 17 јануари 2014 (МИА) - Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со шефот на мисијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на која, како што информира, било разговарано за активностите кои ги спроведува Кабинетот кој таа го предводи и за низа актуелни прашања поврзани со реформските процеси, кои се клучни за пристапување кон ЕУ и се основа на севкупниот развој на општеството.

Грковска, како што информираат од владината прес-служба, на средбата го информирала амбасадорот Гир за новата Стратегија за транспарентност на Владата, која беше подготвена во соработка со граѓанскиот сектор, како и за измените на Законот за рестриктивни мерки и финализацијата на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.

На средбата, се вели во соопштението, станало збор и за активностите поврзани со дигитализацијата, процес кој вицепремиерката Грковска го координира, за активностите на Националниот совет за дигитална транформација на општеството, како и за потребата од креирање одржлив систем за координација на донаторската помош.

Во однос на регионалната соработка, Грковска на средбата информирала дека во тек е регистрација на Регионална академија за добро владеење со седиште во Скопје, која се формира во соработка и со поддршка на Советот на Европа, како и за досегашните активности на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција. аа/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан