• понеделник, 23 декември 2024

Грковска: Без вклученост на граѓанскиот сектор не може да има ефикасна борба против корупцијата

Грковска: Без вклученост на граѓанскиот сектор не може да има ефикасна борба против корупцијата

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Граѓанскиот сектор е важен набљудувач на работата на секоја влада и затоа нивната улога е од големо значење за секој демократски систем. Односот на државата, односно на владините институции кон граѓанскиот сектор е одраз на демократската зрелост на едно општество. Ефикасни анти-корупциски мерки можеме да имаме само ако и граѓанскиот сектор е вклучен во нивното креирање, имплементација и контролата на нивното спроведување, потенцираше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на синоќешниот глобален Форум за граѓанско општество.

Форумот, како што информираат од владината прес-служба, кој го обедини невладиниот сектор, но и претставници на влади од целиот свет, се одржува во организација на Стејт Департментот на САД и Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите Нации (УНОДЦ), како пред-настан на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита од корупција (УНКАК) во Атланта, САД, која почнува со работа од денеска.

Вицепремиерката Грковска учествуваше на панелот кој беше посветен на заштитата и поддршката на граѓанското општество во напорите за справување со корупцијата.

-Справувањето со корупцијата е предизвик, не само за Северна Македонија, не само за Западен Балкан, туку на глобално ниво. Токму затоа, преку креирање на долгорочни и одржливи политики, со вклученост на сите општествени фактори, особено на граѓанскиот сектор, можеме да постигнеме конкретни резултати, нагласи вицепремиерката Грковска. Таа додаде дека граѓаните во Северна Македонија покажуваат се помалку толеранција кон корупцијата, што е добар сигнал и уште поголема обврска за надлежните да преземат конкретни чекори за справување со корупцијата.  

Таа посочила дека граѓанскиот сектор во Северна Македонија има одлична експертиза, особено во делот на корупцијата во јавните набавки, како и за состојбите во правосудството и тоа е од големо значење за креаторите на политиките и за носителите на одлуки. Нагласила дека многу е важно при креирањето на мерките да се имаат предвид конкретните специфики на државата, на институциите, на општеството. Само на тој начин, посочила таа, може да имаме ефикасни и добро таргетирани мерки.

Вицепремиерката Грковска го претставила и Форумот на Југоисточна Европа на жени лидерки за добро владеење и анти-корупција, кој беше формиран на нејзина иницијатива, а кој претставува платформа за вмрежување на лидерки од регионот кои со својата работа дале значаен придонес во оваа област, но и платформа за поддршка за сите оние кои поради својата бескомпромисност и професионалност биле подложни на непринципиелни напади.

Во своето изглагање, Грковска се осврнала и на соработката со младите, како и на кампањата „Зависи од мене и тебе“, што ја реализира нејзиниот Кабинет, а чија главна порака е дека промените во општеството зависат од сите нас.

Покрај вицепремиерката Грковска, на панелот учествувале и Изабела Кореа, секретар за јавен интегритет на Канцеларијата за генерална контрола од Бразил, Кетакандриана Рафитсон, извршна директорка на Транспаренси Интернешнл, Мадагаскар, како и Пусетсо Морапеди, од Платформата за заштита на укажувачите во Африка.

Како што информираат од владината прес-служба, на денешниот прв ден од Конференцијата COSP 10, вицепремиерката Грковска ќе има обраќање на Пленарната сесија на конференцијата.фф/аа/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан