Гризман се збогува со францускиот дрес
- Заменикот капитен на француската фудбалска репрезентација и светски првак од 2018 година, 33-годишниот Антоан Гризман објави денеска повлекување од националниот тим.
Париз, 30 септември 2024 (МИА) – Заменикот капитен на француската фудбалска репрезентација и светски првак од 2018 година, 33-годишниот Антоан Гризман објави денеска повлекување од националниот тим.
„Со срце полно со спомени го затворам ова поглавје од мојот живот. Ви благодарам за оваа прекрасна тробојна авантура и се гледаме наскоро, напиша на социјалните мрежи Гризман, кој одигра 137 натпревари за француската репрезентација и постигна 44 голови.
За „триколорите“ само Оливие Жиру, Тиери Анри и Килијан Мбапе постигнаа повеќе голови од Гризман.
Играчот од средниот ред на Атлетико Мадрид, исто така, играше со Франција во финалето на Евро 2016 и Светското првенство 2022 година и ја освои Лигата на нации на УЕФА во сезоната 2020/2021. ег
ФОТО: Икс