• петок, 20 декември 2024

Грета Тунберг: Германија не треба да ги затвора своите нуклеарни централи

Грета Тунберг: Германија не треба да ги затвора своите нуклеарни централи
Берлин, 14 октомври 2022 (МИА) - Германија не би требало да ги затвора нуклеарните централи кои во моментов произведуваат енергија, ако тоа значи повеќе согорување на јаглен, оцени еко-активистката Грета Тунберг. - Ако веќе се во функција, мислам дека е погрешно да се затворат за да се фокусираат на јагленот, рече 19-годишната шведска активистка за климата во интервју за германскиот ТВ канал „Дас Ерсте“. Германија ја промени својата политика со тоа што одлучи да ги задржи во функција последните две нуклеарни централи во обид да обезбеди снабдување со енергија. Ова предизвика политичка бура бидејќи во владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц е вклучена и Зелената партија, која долго време се залага за трајно напуштање на нуклеарната енергија, пишува Блумберг. Германија сè повеќе се потпира на електрани на јаглен за да го надомести недостигот на енергија предизвикан од намалувањето на протокот на природен гас во Европа преку цевководи од Русија. Емисиите се зголемуваат на краток рок бидејќи владата работи на ограничување на кризата без преседан. Земјата со најголема европска економија планираше да ги затвори нуклеарните реактори до крајот на годината, откако јавното мислење се сврте против изворот на енергија по катастрофата во јапонската Фукушима. Франција обично извезува електрична енергија во Германија во текот на зимата кога побарувачката расте, но прекините  во тамошните нуклеарни реактори се закануваат да го намалат снабдувањето низ Европа и да предизвикаат прекини во испораката на струја. ссм/

Остани поврзан