• сабота, 21 декември 2024

Грвала: Нацртот на ЕУ за ЗСО ќе се разгледа само ако Србија го спроведе основниот договор

Грвала: Нацртот на ЕУ за ЗСО ќе се разгледа само ако Србија го спроведе основниот договор

Приштина, 8 јуни 2024 (МИА) – Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала вели дека косовската Влада ќе го разгледа нацртот на Европската унија за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово (ЗСО) единствено доколку Србија целосно го спроведе основниот бриселски договор и охридскиот анекс на истиот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за агенцијата КосоваПрес, Грвала вели дека Косово не може да го испрати нацртот на емисарот на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак за ЗСО до Уставниот суд на Косово како посебен дел од договорот постигнат минатата година, туку само како дел од пакетот што го вклучува планот за детална имплементација.

Како соодветно решение таа ја смета можноста ЕУ да го испрати овој нацрт на евалуација во Венециската комисија. Сепак, вели таа, Владата е подготвена да седне на маса со претставниците на српската заедница во Косово, за да може да изготви нацрт-статут на Заедницата на општини со мнозинско српско население.

– Не ја игнорираме одлуката на Уставниот суд и таа Заедница, со оние силни права што ѝ беа дадени со договорот од 2013-2015, со оваа влада не може да се реализира. Ова беше причина што подоцна добивме нов нацрт изготвен од ЕУ. Меѓутоа, и со новиот нацрт на ЕУ, видовме дека со Србија на билатералните разговори во Брисел немаме успех. Не можеме да примениме нешто што е предвидено во Брисел како дел од договорот во рамките на нормализацијата на односите со Србија, доколку Србија тоа го одбива. Она што денес се нарекува нацрт на Лајчак, исто така е невозможно нашите институции да направат нешто со тој нацрт, тоа е дел од пакет кој го предвидува основниот договор, планот за имплементација и нацртот на Лајчак, вели Грвала.

Според шефицата на косовската дипломатија, сојузниците на Косово никогаш официјално не побарале Приштина да подготви нацрт за ЗСО, туку тоа секогаш било во рамките на постигнувањето договор во Брисел.

- Не е точно дека тоа некогаш било единствената опција за Косово да подготви нацрт и да го поднесе. Секогаш било во рамките на тоа што се случува во Брисел... Ова е нашата понуда, ако видиме дека во Брисел овој досега неуспешен дијалог не може да донесе резултати, тогаш зошто да се одолговлекува и да се разговара на теми. Да бидам искрена, по резултатот што го имавме и целосната неподготвеност на нашите партнери да ја третираат оваа тема, оптимизмот и подготвеноста на нашите институции да се нафатат со ова не е многу голема. Ние ја дадовме нашата понуда, но ако понудата не се земе предвид, таа не може да биде вечна, нагласи Грвала.

Таа бара од ЕУ да го испрати нацртот за асоцијација до Венециската комисија на евалуација.

- Бидејќи им се допаѓа тој нацрт, нека го проследат до Венециската комисија и нека ја добијат пресудата и на Венециската комисија. Но, тоа не е прашање што може да го проследи Владата на Косово. Тоа е нацрт кој не е од Република Косово... Еден таков документ не е здрав за нашата држава ако немаме де-факто признавање, а камоли де-јуре признавање од Србија. Значи, има логика зошто инсистираме на тоа еден документ, кој ни е донесен во рамките на договорот со Србија во февруари минатата година да биде третиран и во рамките на тој договор. Одвојувањето на овој нацрт од тој договор не е позитивно за нашата земја, изјави Грвала во интервјуто за КосоваПрес.иа/

 

Остани поврзан