• петок, 22 ноември 2024

Граѓаните на Кочани ќе ја блокираат изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река

Граѓаните на Кочани ќе ја блокираат изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река
Кочани, 20 март 2021 (МИА) – Граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“ ќе ги повика граѓаните со сила да ја блокираат изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река, за да се спречи уништувањето на природната средина во околината на вештачкото езеро Гратче. Иако сѐ уште се очекува ставот на Основното јавно обинителство за регуларноста на постапката за добивање согласност за хидроцентралата, членовите на Одборот одржаа консултативен состанок, на кој беше заклучено да се преземаат и дополнителни активности. - Имаме информации дека инвеститорот веќе ги обезбедил сите потребни дозволи од ресорните министерства и од другите државни органи, па останува уште само Општина Кочани да ја издаде градежната дозвола, што најверојатно ќе се случи многу скоро. Ние, како граѓани, тоа не го прифаќаме и ќе ги употребиме сите можни начини да ја спречиме изградбата. Го очекуваме одговорот од Обвинителството, а ако ни тоа не помогне, тогаш ќе организираме граѓански протест и ќе ги блокираме градежните активности за да ја зачуваме животната средина за нас и за нашите деца. Деновиве ни пристапија уште неколку граѓански здруженија и сега сме околу дваесетина, со што иницијативата дополнително ќе се засилува, истакна Зоран Тодоров од граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“. Членовите на Одборот потенцираа дека со изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река ќе се деградира шумскиот појас, ќе се уништат водните ресурси што и онака се минимални, а штета од градежната механизација ќе претрпи и асфалтираниот патен правец до браната Гратче што пред неколку години беше реконструиран. На работниот состанок беше побарано да се контролира поставувњето на опремата за филтрирање на чадот во фабриката „Пејпар мил“, да се лоцираат и санкционираат и другите загадувачи на воздухот, како и да се направи контрола на исправноста и квалитетот на прехранбените продукти што се продаваат во трговската мрежа и на пазарите во Кочани.та/фф/

Остани поврзан