• петок, 22 ноември 2024

Гран при награда за филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек на 4. Галичник филм фестивал

Гран при награда за филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим  Ордек на 4. Галичник филм фестивал

Скопје, 7 август 2023 ( МИА) -  Со синоќешното прогласување на добитниците на наградите за краткометражни филмови во три натпреварувачки категории, свечено беше затворен 4. Галичник филм фестивал. Бројната публика  уживаше во 33 краткометражни филмови од различни земји, кои може да се видат од 4 до 6 август. За организаторте Дарма филм, оваа година фестивалските денови  беа уште побогати со содржини,  зголемен интерес од регионот и пошироко за учество на фестивалот, како и за едукативните работилници кои се одржаа под менторство на Дејан Дуковски и Андреј Волкашин.

Тричлената жири -  комисија составена од актерот Сашко Коцев, продуцентката Елена Станишева и режисерот Георги Унковски, одлучуваа за добитниците на наградите. Гран при наградата на Галичник филм фестивал 2023 ја понесе филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек. На главните протагонисти во „Заедно, сами“, Еџем Узун и Мерт Доган им припаднаа и наградите за најдобра женска и најдобра машка улога за нивниот одличен актерски израз, кој со ненаметливост и со леснотија прикажува комплексни човечки судбини.

Наградата за најдобро сценариото му припадна на швајцарскиот режисер Зоел Ешбахер за неговиот краткометражен филм „Фер игра“. Поетичниот израз на една чувствителна тема раскажана на храбар начин од страна на грчката режисерка Софија Георговасили во филмот „Мемоар за застрашувачка бура“ ја понесе наградата за најдобра режија. Канадскиот режисер Ллојд Ли Кои е добитник на наградата за најдобра кинематографија за неговиот филм „Сé по старо“. Наградите за најдобар краткометражен филм, според трите натпреварувачки категории на фестивалот припаднаа на филмот „Ти ветив рај“ на режисерот Морад Мостафа од Египет во категоријата за најдобар игран филм, филмот „Ева“ на руската режисерка Олга Смирнова се закити со наградата за најдобар документарен филм, додека пак за најдобар анимиран филм, наградата ја понесе полската режисерка Ева Смик со „Носталгија за дома“.

Галичник филм -  фестивал е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, реализиран од „Дарма филм“ и „Месната заедница Галичник“, а главен спонзор на овогодинешното издание е Халк Банка. љм/са/

Фото: Галичник Филм Фестивал

Остани поврзан