Град Скопје ја стартува манифестацијата „Украсуваме по скопски“ за празнично разубавување на градот
- Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.
Скопје, 11 декември 2025 (МИА) - Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.
Заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, во периодот од 11 до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адресата, учесниците можат да ги испраќаат на интернет-адресата kabinet.nastani@skopje.gov.mk, или на адреса: булевар „Илинден“ бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Градот годинава ќе избере победници во три категории: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа; најубаво новогодишно украсена тераса од стан и најубави раскази напишани од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија, која ќе биде составена од претставници на медиумите, коишто исто така ќе ги оценуваат и составите на средношколците. Сите заинтересирани медиуми може да пријават свои претставници за членови во жири-комисиите на следнава интернет-адреса kabinet.nastani@skopje.gov.mk.
Град Скопје најави дека за најдобрите учесници во сите категории ќе обезбеди соодветни награди, кои ќе им бидат врачени од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. дма/са/
Фото: Град Скопје