• сабота, 18 мај 2024

„Градот ме тера да пеам“ музичка програма во Битола

„Градот ме тера да пеам“ музичка програма во Битола

Битола, 13 април 2024 (МИА) - Во Битола денеска ќе се реализира целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во рамки на програмата на фестивалот АКТО 19 „Јавни простори во движење (кон) II“ во партнерска соработка со платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.

Во рамки на настанот со концертни и диџеј настапи ќе се претстави дел од македонската музичка сцена составена од млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво е јадрото на домашната современа урбана култура.

Програмата ќе се реализира на две локации. Преку ден во кафе-барот „Јагода“ од 12 до 16 часот, на битолскиот Широк сокак ќе се промовира ПОП КУЛТУРА - винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари. Ова исклучително винил издание е реализирано како дел од платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска, Дина Јашари, Андреја Салпе, Зи, Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признaениот музичар Slatkaristika. Промоцијата ќе опфати музичка програма со настапи на младите диџеи Димчуга (Dimchuga) од колективот WHY2K?, Гелев (GLV) и Кекиќ (Kekikj) од колективот МИНТ.

Вечерната програма од 22 часот до 5 часот наутро ќе се реализира во култниот битолски клуб „Јагода“. Првиот дел од вечерта со концертни настапи ќе се претстави младата генерација музичари, претставници на современата македонска поп, рок, инструментална краут рок и електронска музичка сцена. На сцената ќе настапат: Димитра, како претставник на локалната битолска сцена и бендовите Локал Блу (The Local Blue), Занаду и музичкиот проект Поетроника. По полноќ публиката ќе танцува на музичкиот избор на младите диџеи Јос и Мартина Пенева.

„Градот ме тера да пеам“ е една од бројните програми уредени од Мирко Попов, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура. Тие заедно создаваа нови простори за презентација на музичката култура, следејќи ги будно младите и надоаѓачки сили, со кои во една интергенерациска нишка делеа сцени, искуство и соработка.

„Градот ме тера да пеам“ е песна на Мирко Попов и ПМГ Колектив, име на јубилејното 200-то издание на ПМГ Рекордингс-компилација на македонска музика селектирана од Мирко за која вели дека е „Приказна за убавите деца на овој град... убавите деца на оваа земја“, и име на 12-тото издание на фестивалот ПМГ Рекордингс во 2020 година. ев/мд/

ФОТО: Организатори 

 

Остани поврзан