Градоначалникот на Пешкопеја во посета на Дебар
- Градоначалникот на соседната албанска општина, Пешкопеја, Рахим Спахиу, престојуваше во посета на Дебар, при што оствари средба со својот дебарски колега, Фисник Меља, кому на почетокот му го честиташе изборот за градоначалник и му посака успех во извршувањето на функцијата.
Дебар, 3 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на соседната албанска општина, Пешкопеја, Рахим Спахиу, престојуваше во посета на Дебар, при што оствари средба со својот дебарски колега, Фисник Меља, кому на почетокот му го честиташе изборот за градоначалник и му посака успех во извршувањето на функцијата.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста да ја продлабочат институционалната соработка и да преземат конкретни чекори кон заеднички развој.
-На средбата двајцата градоначалници ги споделија своите ставови за зајакнување на соработката помеѓу двете општини и за заедничките проекти што ги поврзуваат. Беше потенцирана важноста на проектот „One Stop“, на граничниот премин „Блато“, како и неколку други заеднички иницијативи кои имаат за цел зголемување на ефикасноста на јавните услуги и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од двете заедници, информираа од општината.
Граничниот премин „Блато“, кој е на оддалеченост околу четири километри од Дебар годинава регистрира рекордна фреквенција на патници во споредба со претходните години. Во период јануари - септември на на ГП „Блато“ остварен е проток на вкупно 1.072.646 патници што е зголемување за 74 отсто, споредено со истиот период минатата година, кога таа бројка изнесуваше 616.838 патници.
-Затоа заедно со колегите од Албанија веќе работиме на воведување на системот „One Stop“. Со соодветни инфраструктурни решенија ќе овозможиме побрз и поефикасен проток на патници и возила и трајно намалување на гужвите, особено во периодите со зголемен туристички сообраќај, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковси, при последната посета на преминот.
Според него овој премин сè повеќе се претвора во вистински мост на поврзување за граѓаните кои патуваат на одмор во соседна Албанија, туристите што доаѓаат на бањско лекување, викенд престои или роднински посети и за други потреби. вт/дма/
Фото: Општина Дебар