Градоначалникот Коњановски на самит на градоначалници во Париз
- Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, учествуваа на Самит на градоначалници против антисемитизмот, кој се одржа во Париз.
Битола, 24 ноември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, учествуваа на Самит на градоначалници против антисемитизмот, кој се одржа во Париз.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираа дека на Самитот претседавала градоначалничката на Париз, Ан Идалго и ги обедени градските лидери, креаторите на политики и претставниците на заедниците, во нивната заедничка мисија за активно спречување и сузбивање на антисемитизмот во сите негови форми.
Во рамки на програмата, учесниците активно придонесоа во панел-дискусиите и работните сесии фокусирани на практични стратегии, успешни локални иницијативи и специфичните предизвици со кои се соочуваат општините при справувањето со омразата и дискриминацијата.
Градоначалниците и општинските лидери ги споделија своите практични искуства, политички пристапи и дискутираа за можностите за прекугранична соработка која може да ја зајакне едукацијата, безбедноста и довербата во заедницата.
За време на престојот во Париз, градоначалникот Коњановски и секретарот Димитровски остварија средба со амбасадорот на Македонија во Франција, Игор Николов, соопштија од Општина Битола. мт/дма/
Фото: Општина Битола