Градоначалникот Дука прими претставници на Ромите од Дебар по повод Меѓународниот ден на Ромите
- По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница предводени од Илми Куртиши, претседател на Здружението „Месечина“.

Дебар, 8 април 2025 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, денеска градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, прими претставници на ромската етничка заедница предводени од Илми Куртиши, претседател на Здружението „Месечина“.
-На почеток сакам Вам и на сите припадници на почитуваната ромска заедница да ви го честитам Денот, со желба да ја продолжиме традицијата на заемна почит, етничка и верска толеранција, во која со векови живеат сите жители во нашиот Дебар. Како локална власт ќе продолжиме да иницираме и поддржуваме активности за подобрување на условите во населбите каде што главно е концентрирано ромското население, како и унапредувањето на положбата и нивната интеграција, рече Дука.
Нагласи дека Општина Дебар, во соработка со локални и меѓународни невладини организации (како Ромактед), како и со поддршка на централната власт, реализирала значајни проекти од областа на образованието, предучилишното воспитание и инфраструктурата.
-Овие иницијативи дадоа значаен придонес за подобрување на благосостојбата на ромската заедница во нашиот град. Среќни празници на сите Роми - со желба заедно да ја градиме иднината, на темелите на еднаквоста, почитувањето и соживотот, порача од средбата градоначалникот Дука.
Куртиши од свое и од име на ромската заедница се заблагодари за упатените честитки и за почитта што ја дава градоначалникот, кој средбите по повод 8 Април ги востанови од неговото доаѓање како градоначалник.
Во строгиот центар на градот, на шеталиштето, подигнато е и се вее ромското знаме.
Во Дебар живеат над 1.200 Роми, бројка која беше два и пол пати повисока, но емигрираа главно во Луксембург, Германија и Италија. вт/дма/
Фото: МИА